Со несмалено темпо продолжува уредувањето и асфалтирањето на улиците во Прилеп. Во УЗ „Тапани“свечено беа пуштени во употреба неколкуте ново асфалтирани улици кои се со должина од 650 метри, а инвестицијата е вредна околу 3,5 милиони денари. Парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Жителите рекоа дека се презадоволни од оваа најнова инвестиција на локалната самоуправа бидејќи конечно нивната населба добила урбан лик.
„Убаво е се што се гради, ние како жители сме многу задоволни, претходно тука улиците беа само дупки и кал, сега добивме нова канализациона мрежа и конечно улиците се асфалтираа. Нашата населба доби современ и урбан лик“, кажа Александар Талески, жител на УЗ „Тапани“.
„Сега е супер, досега луѓето газеа по кал и прашина. Чисто е и жителите се многу задоволни“, рече Борис Бошески, жител на УЗ „Тапани“.
„Досега не беа асфалтирани улиците имаше само слој на тампон, сега е многу убаво и за децата да можат да си играат, но и за возрасните. Можеме слободно да возиме и автомобили, претходно тука имаше само дупки по улицата и ги оштетувавме возилата“, истакна Павле Петрески, жител на УЗ „Тапани“.
„Редно беше да се асфалтираат овие улици, сега нема прашина, децата можат слободно да си играат. Посакувам сите неасфалтирани улици во Прилеп за брзо време да добијат асфалт како што добивме и ние жителите на УЗ „Тапани“, вели Маринела Митевска, жител на УЗ „Тапани“.
Членовите на оваа урбана заедница истакнаа дека сега нема неасфалтирана улица во нивната населба, иако ова место до пред само 10-тина години важело за една од најлошо уредените населби во Прилеп.
„Оваа урбана заедница до пред 10-тина години важеше за една од најлошите места за живот во Прилеп. Немаше елементарни услови за живеење. Благодарение на градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, денеска сите улици во оваа урбана заедница се асфалтирани, сменета е комплетно канализационата мрежа и уредени се повеќе парковски површини“, изјави Борис Маркоски, член на УЗ „Тапани“.
Улиците свечено во употреба ги пушти градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој потенцираше дека оваа градежна офанзива на Општина Прилеп ќе продолжи и понатаму со уште поголем интензитет.
„Со асфалтирањето на овие улици веќе завршуваме еден голем циклус за урбанизирање на оваа населба. Пред 10 години тука не беше асфалтирана ниту една улица, ниту соодветно имаше поставено водоводна и канализациона мрежа. Сега сите улици се со соодветен водоводен и канализационен систем и се комплетно асфалтирани. Сето ова е предвидено во комуналната програма на Општина Прилеп за оваа 2017 година, со која програма и понатаму продолжуваме. Се работи и во градот и во населените места. Се прават нови улици, водоводи, канализациона мрежа, пречистителна станица, се уредуваат парковски површини, тротоари, се поставува ново улично осветлување, така што имаме навистина големи урбани зафати на територија на Општина Прилеп. Продолжуваме и понатаму со предвидените асфалтирања за оваа година. Инаку се она што се случуваше во сите урбани заедници беше во договор со жителите кои живеат во овие населби, а овие проекти произлегуваат од редовните состаноци кои ние ги одржуваме со жителите. Значи сите реализирани проекти произлегуваат како желба на граѓаните“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.