Комплетно се реконструираше детското игралиште, кое се наоѓа наспроти ООУ „Кочо Рацин“, во населбата „Рид“ во Прилеп. Инвестицијата изнесува околу 2 милиони денари, а средства се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Игралиштето е опремено со современи играчки и гумен под за поголем безбедност на децата. Најзадоволни од оваа најнова инвестиција на Општина Прилеп се секако децата и родителите.
„Многу сме задоволни од изградбата на игралиштето. Еве внучињата само што ќе станат веднаш доаѓаат тука да си играат. Играчките се многу убави, целото игралиште е одлично уредено. Претходно играчките тука беа искршени и небеше безбедно за децата“, кажа Лилјана Ѓореска, жител на населбата „Рид“.
„Игралиштето откако се обнови е многу сигурно и безбедно за децата, играчките се од пластика и подот е гумиран. Јас предавам во ова подрачно училиште , понекогаш и учениците ги носиме тука да играат и тие се премногу радосни што се обнови ова игралиште“, рече Јулијана Тренкоска, жител на населбата „Рид“.
„Презадоволни сме навистина, игралиште е современо и безбедно за децата, особено што има ваков под каде што тие неможат да се повредат и доколку паднат. Доаѓаме често тука откако тоа се направи“, истакна Јасмина Недеска, жител на населбата „Рид“.
Реновираното игралиште денеска во употреба го пушти градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој истакна дека тоа многу ќе им користи како на децата од населбата, така и на учениците од подрачното училиште кое се наоѓа во самата близина.
„Прилеп доби уште едно прекрасно детско игралиште во најголемата населба „Рид“. Реновирањето на ова игралиште беше барање на урбаната заедница и еве сега дојде до негова реализација. Досега имаме реализирано доста проекти во соработка со урбаните заедници и граѓаните на територијата на целата Општина. Тука сакам да ја напоменам и одличната соработка со УЗ „Рид“ каде биле реализирани 90% од нивните предложени проекти. Така беше и реконструкцијата на основното училиште кое не беше реновирано уште од далечната 1926 година. Значи се реконструираше училиштето, се реконструираше неговиот двор и целиот овој комплекс се докомплетираше со реконструкцијата на ова детско игралиште“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Ор урбаната заедница „Рид“ велат дека соработката со локалната самоуправа во изминативе години е на одлично ниво и дека се остварени најголемиот дел од нивните барања и потреби.
„Урбаната заедница има одлична соработка со локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески и ова игралиште се реализираше со нивна помош. Сакам во оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам до градоначалникот кој ги остварува сите наши барања“, вели Пеце Недески , претседател на УЗ „Рид“.
Според плановите на локалната самоуправа сите детски игралишта во Прилеп требало да бидат реновирани според овој пример.
„Игралиштето се простира на површина од 500 м2, каде што согласно програмата за комунално уредување за 2017 година беше предвидена негова реконструкција. Тоа е опремено со играчки кои се безбедни за играње на децата. Играчките немаат ќошеви, тие се заоблени, а подот е гумифициран. Во понатамошниот период сите детски игралишта во Прилеп ќе ги реконструираме според овој тип за да бидат побезбедни за дечињата“, потенцираше Илија Карески, раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп.