Се одржа 6-тиот по ред фестивал „Mariovo off road experience“

_MG_5777

Планински велосипедизам, планинарење, спелеологија, аеробик, концерти, дружење и многу забава. Ова беше сликата од 6-тиот по ред аутдор фестивал „Mariovo off road experience“, кој се одржа во манастирот Свети Илија во селото Мелница во Мариово и кој стана вистински препознатлив бренд не само за Прилеп туку и за цела Македонија. На фестивалот годинава имаше околу 300 учесници и тој понуди доста новини и интересни атракциии од кои најпривлечна беше влегувањето во Мелничката пештера, активност која ја организираше спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп. Исто така се организираше и планинарска тура на која учесниците искачија три планински врвови во Мариово. Главна активност секако беше планинскиот велосипедизам кој беше поделен во две тури. Едната долга 50 км., а другата 30 км. Учесниците на овие тури посетија повеќе села во Мариово, како  Витолиште, Полчиште, Бешиште, Сатока, Градешница, Зовиќ и селото Манастир.

_MG_5853

„Три години се занимавам со планински велосипедизам, за прв пат сум тука на оваа тура по препорака на мои пријатели кои учествувале на неа претходните години и на кои многу им се допаднал целиот предел и организацијата на настанот. Се надевам дека и денес се ќе помине во најдобар ред“, вели Ристе Христов, учесник на турата во планински велосипедизам од Кавадарци.

„Ние сме дел од екипата на клубот „Тиквешки точакџии“, секоја година како клуб учествуваме на овој фестивал. Јас сум прв пат тука, по кажување на колегите ова било незаборавно искуство и годинава се решив да дојдам и јас да присуствувам“, кажа Драган Јованов учесник на турата во планински велосипедизам од Кавадарци.

IMG_6008-001

„Јас тука доаѓам 4-та година со ред, прв пат со кампирање и одлично си поминавме. Прекрасно е времето, организацијата е одлична, ние сме како група околу 35 луѓе. Турата е малку тешка, потребна е физичка и психичка подготвеност, но ние даваме се од себе за да ја завршиме“, истакна Живко Бурев, учесник на турата во планински велосипедизам од Кавадарци.

Планинскиот велосипедизам моментално е во голема експанзија во Македонија, се повеќе луѓе, особено од младата популација, купуваат велосипеди и започнуваат да се занимаваат со овој спорт.

_MG_5669

„Јас сум од Скопје, колегата лани бил тука, ни пренесе позитивни впечатоци и сега дојдовме една поголема група. Со планински велосипедизам се занимавам 3 години. Како држава имаме одлични услови за развој на планинскиот велосипедизам, ние возиме и во странство и можам да кажам дека ние имаме можеби и поубави и понеоткриени предели. Македонија има големи перспективи за развој на овој спорт“, рече Александар Христоски, учесник на турата во планински велосипедизам од Скопје.

„За прв пат сме тука, дојдовме од Скопје, кампувавме, синоќа поминавме одлично на концертот со чалгиска музика. Овој настан е одличен и можам да кажам дека планинскиот велосипедизам зема се поголемо место во слободното време на љубителите на природата, особено кај младите и тие наголемо купуваат велосипеди“, кажа Јована Тасевска, учесник на турата во планински велосипедизам од Скопје.

_MG_5631

„Само преку планинскиот велосипедизам може да се допре природата, да се влезе во дивината, да се допре до недостапните и неистражени предели, тоа е главната причина поради која се занимавам со овој спорт. Организацијата тука е одлична и затоа доаѓаме на оваа тура“, вели Катица Кузманова, учесник на турата во планински велосипедизам од Кавадарци.

Годинава една од поглавните промени на Фестивалот беше и воведувањето на планинарската патека која беше долга 15 км. Планинарите стартуваа од манастирот Св. Илија во Мелница и ги искачија трите врвови : Мала скрка, Панделе и Пасково ќуле. Новина беше и влегувањето во Мелничката пештера каде за прв пат се организираше групна посета.

„И лани бевме тука на фестивалот, вчера влеговме во Мелничката пештера, навистина беше едно незаборавно и несекојдневно нешто. Беше како влегување во еден подземен град со тунели и хали. Денека учествуваме на планинарската тура, дружбата е одлична, организацијата супер и се надевам дека така ќе продолжи и во иднина“, кажа Степан Силјаноски, учесник на турата во планинарење од Скопје.

_MG_5616

„Вчера бевме во Мелничката пештера со планинарското друштво „Златоврв“ од Прилеп кои морам да ги пофалам за одличната организација. Денес ќе одиме на планинарската тура, ќе ги искачиме врвовите Мала скрка, Панделе и Пасково ќуле и потоа ќе се прошетаме низ селото Полчиште каде ќе се запознаеме со традицијата, архитектурата и жителите на Мариово“, истакна Марко Шарески, учесник на турата во планинарење од Скопје.

„Mariovo off road experience“ во овие 6 години стана вистински препознатлив бренд и фестивал од овој тип не само во Прилеп туку и во цела Македонија. Организатори на настанот се Здружението „Вело Европа“ од Скопје и Општина Прилеп.

„Според она што си го поставивме како цел пред 5 години можам да кажам дека се полека ни се исполнува. Го поставивме Мариово на картата за аутдор спортови во Македонија и сега тоа е посетувано од сите спортисти и љубители на природата. Прекрасен предел кој нуди огромни можности за развој на алтернативниот туризам и се надевам дека во иднина ќе го промовираме на Балканот и во Европа“, истакна Слободан Трајкоски, организатор на настанот.

_MG_5624

Ова е само еден од аутдор фестивалите кои се одржуваат преку годината во Прилеп и го промовираат овој регион како центар за развој на овој вид на алтернативен туризам, на кого што локалната самоуправа посветува големо внимание во текот на изминатиов период.

„Ова е навистина еден голем настан кој се случува во текот на годината, имаме тука присутно доста ентузијасти, велосипедисти, планинари, спелеолози и љубители на природата. Оваа манифестација е одлична можност за промоција на Прилеп и Мариово во рамките на тој алтернативен туризам“, кажа Марјан Ристески, градоначаник  на Прилеп.

_MG_5654

Како новина годинава освен спортувањето имаше и голема забава и дружба помеѓу чесниците на фестивалот со концертот на чалгиски оркестар при МРТ кој се одржа во манастирот Свети Илија во селото Мелница.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.