Интензивно се гради новата котлара во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп преку која треба да се затоплува спортската сала. Со оваа инвестиција ќе се овозможи спортување и во зимските месеци како на учениците така и на другите љубители на спортот кои ги користат услугите на салата.
„Освен за изградба на котларата локалната самоуправа за оваа сала инвестираше средства и за набавување на спортски семафор, кој е безжичен, и е прв од ваков тип во Македонија. Со новиот систем за затоплување на салата како и со семафорот овој спортски објект ги добива сите потребни атрубути за одвивање на било каков спортски натпревар. Инвестицијата изнесува 1,2 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на локалната самоуправа“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Инаку спортската сала во ООУ „Добре Јованоски” e четврта училишна сала која за само неколку години се изгради во Прилеп, како дел од проектот на претходната Влада за изградба на 145 спортски сали. Станува збор за инвестиција во вредност од 42 милиони денари. Спортската сала е со голем обем, има трибини за околу 450 посетители, соблекувални и е наменета за повеќенаменски спортови. Во неа може да се игра мал фудбал, кошарка, ракомет одбојка, гимнастика и друго.
Од ООУ „Добре Јованоски“ најавуваат во скоро време и нови инвестиции.
„Нас ни е чест што имаме ваква убава спортска сала која ја добивме на користење лани во октомври. Бидејќи минатата година немавме парно греење во салата сега се гради нова котлара која ќе ги подоби условите за спортување и квалитетот на наставата. Во август ќе започнеме со еден нов проект, а тоа е инвестиција во другото училиште кое ни е дадено на располагање, центарот за воена обука „Лазо Филипоски Лавски“, каде ќе има промена на дограмата, спуштање на таваните, преградување на влезната врата, а секако ќе биде реконструиран и дел од фасадата“, кажа Панде Николоска, в.д. директор во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп.