Светски Македонски Конгрес: “Законот за употреба на јазиците не смее да влезе во сила, бидејќи е неуставен, ја редефинира државноста и унитарноста на Македонија

(Соопштение на Светскиот Македонски Конгрес)

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја поздравува одлуката на Претседателот на Република Македонија, заедно со образложението, да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на 11 јануари 2018 година.

СМК и натаму смета дека со Законот за употреба на јазиците се редефинира државноста и унитарноста, се воведува двојазичност на целата територија и во меѓународните односи на Македонија, се дискриминираат малцинските етнички заедници во еднаквоста пред Уставот и законите, и се блокира државната и јавната администрација, што ја прави државата нефункционална и неодржлива демократија.

СМК истканува дека Законот за употреба на јазиците не создава услови за “едно општество“, туку, пред се’, ја гетоизира албанската етничка заедница во Македонија!

СМК ја повикува Владата безусловно да го повлече Законот за употреба на јазиците и да го врати на јавна дискусија и стручна валоризација.

СМК ги повикува пратениците да не го усвојат Законот за употребата на јазиците при повторното разгледување!

СМК укажува дека Македонците не се против употребата на албанскиот јазик, како и не се против употребата на јазиците на другите малцински заедници но, во согласност со Уставот!

СМК ги отфрла политичките злоупотреби на Законот за употреба на јазиците во функција на владината коалиција!

СМК смета дека малцинските јазици треба да имаат статус на регионални јазици и да бидат во службена употреба во општините каде што припадниците на едно малцинство се мнозинство!

СМК, истовремено, смета дека во правата и слободите на припадниците на малцинските етнички заедници, треба да се почитува основниот принцип на меѓународното право – принципот на суверена еднаквост, што подразбира: заемно почитување, соработка по сите прашања од заеднички интерес, со немешање во внатрешните работи на суверените држави и суверените народи, врз реципроцитетна основа. Имено, што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија!

СМК бара Претседателот на Републиката да не го потпише указот за прогласување на Законот и при повторното усвојување во Собранието, иако Е ДОЛЖЕН по Устав, но НЕ МОРА, бидејќи не е во согласност со Уставот на Република Македонија и со изјавата на премиерот при доверувањето на мандатот за состав на Влада од 24 мај 2017 година.

Владата нема двотретинско парламентарно мнозинство и е без можност да му се заканува на Претседателот на Републиката со импичмент!

СМК потсетува дека законите се прогласуваат со указ, а указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието ЗАЕДНО! Секоја објава на закон со указ без потписот на претседателот на Републиката претставува злоупотреба на службената должност, таквиот Законот не важи, луѓето немаат обврска да го спроведуваат и почитуваат, односно таквиот Закон не предизвикува правно дејство и имплементација!

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.