Просечната македонска жена попрво би се развела поради свекрвата отколку поради љубовницата на мажот, велат последните истражувања на психолозите и на социјалните работници. Присуството на две семејства под ист покрив значително ја зголемува веројатноста дека бајката „среќно си живееја до крајот на животот” ќе заврши со судско рочиште. Непремостливите разлики во карактерите, ставовите и очекувањата на сопружниците се грутките што најчесто се тркалаат од првиот ден на бракот и се претвораат во бракоразводни лавини.
Социјалните работници што посредуваат при развод на бракот велат дека партнерите најчесто се разведуваат во првите години од бракот. Со животот во заедница, младите луѓе немаат можност да го развиваат својот брак. Четиричлено семејство со просечни примања одвај може да опстане, па со тоа родителите економски помагаат и автоматски им се мешаат во животот на младите, со што, всушност, одмагаат.
Статистиката покажува дека неверството сè уште е мала причина за почнување бракоразводна постапка, зашто, како што велат социјалните работници, особено во помалите места кај нас, жените сè уште се водат од стереотипите.
Што се однесува до односите во македонското семејство, слободно може да се каже дека, колку што младите имаат непочитување кон родителите, толку и родителите не им ги даваат слободата и правото на свое размислување, особено кога се работи за заеднички прашања. Со класичниот пример на доминантност, јас ти давам услови, но имам и право да се мешам во нив, родителите, а најчесто свекрвите, во своите излагања неретко наидуваат на недоразбирања со младата брачна двојка. Освен тоа, младите се принудени буквално преку ноќ да се приспособат кон многуте нови животни улоги – сопружник, зет, дома-зет, домаќинка, мајка и татко.