СТРАШНО! Пожарите во Прилеп подметнати – Забележани лица како потпалуваат!

5

Поголемиот дел од пожарите во Прилепско се подметнати. Утринава жители на Горно Село кое се наоѓа под манастирот Трескавец забележале непознати лица кои се возеле во теренско возило и кои намерно запалиле оган, сега таму беснее голем пожар. Исто така попладнево намерно е подменат пожар и во селото Зрзе. Сторителот е веднаш уапсен. Инаку попладнево повторно се активираше и пожарот кој се наоѓа на само неколку стотини метри од манастирот Трескавец. Ситуацијата е алармантна, ветерот е силен и огнот се шири со голема брзина. Локалните власти упатуваат повик секој оној кој што може да помогне во гаснењето на огнената стихија која што му се заканува на ова наше големо светилиште да дојдат под итно на Трескавец.

4

„Во прилепско имаме повеќе активни пожари. Едне е на потегот кај селото Крушевица, потоа околу селото Бонче, а имавме интервенциија и кај поранешната фабрика „Партизанка“. Се локализираше пожар кај селото Зрзе, а сега се возобнови пожарот под манастирот Трескавец. Исто така имаме пожари околу селата Забрчани и Мраморани. Наши екипи работата постојано на терен, а од јавувања на граѓани имаме сознанија дека има намерно палење, така е со случајот кај селото Зрзе, пожарот кај Горно Село и пожарите во населените места Забрчани и Дупјачани. Имаме сознанија дека подметнувачот на пожарот кај селото Зрзе е фатен, а за потегот пак кај селото Горно Село видени се сторителите како намерно палат и потоа истите избегале со теренско возило“, вели Јосе Јорданоски, командир на одделение во ТППЕ – Прилеп.

3

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги осуди намерните палења на пожарите и упати критика до надлежните државни институции и Владата бидејќи ниту еден нивни претставник овие денови не е дојден во Прилеп за да помогне околу гаснењето на огнените стихии. Ристески денеска на доброволците кои учествуваат кај Трескавец им подели храна и вода.

DSC01157

„Граѓаните на Прилеп овие 2-3 недели се справуваат со една огромна непогода и се востопостави она што и се претпоставуваше дека пожариите се намерно подметнати. Се јавуваат пожари во исто време на различни места. Доказ за тоа се и денешните уапсени сторители кај селото Зрзе, а намерно подметнат пожар имаме и кај Мраморани и Горно Село. Мислам дека на терен треба што е можно повеќе да бидат надлежните институции, да превземат мерки и конечно да одговараат сите овие сторители кои создадоа огромна материјална штета на Прилеп и цела Македонија. Во оваа прилика сакам да упатам апел до сите оние кои што можат да дојдат тука на Трескавец и да помогнат. Ветерот е силен, огнот брзо се шири. Да делуваме превентивно за да не се случии повторно голема катастрофа. Исто така имавме пожари кај населените места Бонче и Крушевица во мариовскиот дел. Пожарот таму беше стигнат скоро до самото село Крушевица и имаше голема опасност да се запали селото. Но со надчовечки напори на жителите на тоа место и на претставниците од јавните претпријатија ии тој пожар е локализиран. И како што имам информации веќе се става под контрола и пожарот кај Никодим. Голема благодарност за сите оние кои се вклучени во гаснењето на овие пожари. И голема замерка и прашање дали воопшто постои кризен штаб на Владата, бидејќи во овие денови кога се соочуваме со една ваква голема огнена стихија невидов ниту еден претстваник на Владата да дојде и да ги посети пожарите во прилепско и да упати апел за помош за нивно гаснење. Освен во неколку наврати што делуваа авионите за да биде спречен поголем пожар во околината на Трескавец“, изјави Марјан Ристески, градоначалник во Прилеп.

DSC01162

Попладнево на Трескавец за да изврши увид во состојбата дојде и Архиепископот на МПЦ-ОА Г.Г. Стефан заедно со Владиката Климент. Владиците освен за состојбата со пожарите се запознаа и со тоа како се одвиваат градежните активности за обнова на опожарените конаци на манастирот. Моментално таму интензивно се гради и според динамиката на работа се очекува тие да бидат завршени идната година.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.