СО ПРОВЕРЕН ТИМ ЈОВАНОСКИ ЈА СТАРТУВАШЕ КАМПАЊАТА (ФОТО)

Денес кандидатот за градоначалник на СДСМ Илија Јованоски ја започна својата предизборна кампања во Прилеп. Со средби со граѓани во центарот на градот, Јованоски тргна во поход кон градоначалничката функција.

Со проверен и искусен тим ќе се обиде да добие подобар резултат од последните локални избори, на кои Јованоски беше носител на советничката листа на СДСМ и забележа катастрофален пораз.

Како носител на таа листа на советници, Илија Јованоски оствари резултат од 19 168 гласови, наспроти огромните 26 893 на контото од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.

Како и сите кандидати за градоначалници и Јованоски на себе носи товар и тргнува во предизборната кампања соочен со нереализирани партиски ветувања. Тој на прилепчани ќе треба да им објасни зошто не е испочитувано ниту едно од ветувањата на СДСМ од предизворниот период за парламентарните избори во 2016 година.

Јованоски ќе ја бара поддршката од своите колеги доктори, без реализирано ветување за 100.000 плата, ќе ја бара поддршката од пензионерите, кои останаа без покачување на своите примања, како што тоа беше пример во изминатите години. Не се исполни ниту ветувањето за повисоки субвенции за тутунарите, па убедувањето на стотиците производители на тутун за него ќе биде тешка мисија.

Особено тешко ќе му биде да ги убеди прилепчани околу Стратегијата за интеграција на бегалци и странци и неговиот став околу таа стратегија, ако се има во предвид тоа дека пред неколку дена беше спречено спроведувањето на референдум во Прилеп и останатите градови по ова прашање.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.