СООПШТЕНИЕ! Променет е директорот на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Еве што остави зад себе претходниот директор

slika za prom direktor

Јавната институција  Центар за јавно здравје – Прилеп доби нов директор, откако со одлука на Министерството за здравство беа променети речиси сите директори на здравствени институции во државата.

Претходниот директор на институцијата Др. Гоце Ингилизов со соопштение се обрати до граѓаните за се она што е направено во оваа институција во изминатите години.

“Почитувани сограѓани, почитувани претставници на медиумите, сакам лично да ве известам дека, во ЈЗУ „Центар за Јавно Здравје-Прилеп“ министерот за здравство изврши промена на раководството на установата. Оваа прилика ја користам да ви се заблагодарам на досегашната соработка и се надевам дека нашата комуникација и нашето извршување на активностите во изминатиов период беше коректно.

Во последнава декада, во оваа установа се случија доста промени кои сакам да ги набројам. На финансиски план, затекнав долг од преку 6.000.000,00ден. во 2006 год. за да сега ја оставам установата без долгови и со преку 3.000.000,00ден. на сметка. Активностите кои ги извршува центарот кон пациентите и кон партнерите, ги зголемивме неколкукратно и со тоа приливот на средства се зголеми. За подобри и поквалитетни услуги набавивме апаратура во вредност од преку 30.000.000,00ден, а за да вработените имаат подобри услови за работа инвестиравме во објектот околу 8.000.000,00ден за внатрешна и надворешна реконструкција. Континуирано инвестиравме и во доедукација на кадарот, учествуваме со научни трудови на безброј едукации, семинари, симпозиуми и во овој период остварени се потребните специјализации за да Центарот беспрекорно функционира, во секоја служба има по минимум два лекари кои се специјалисти, или се при крај со специјализацијата, што е сосема доволно за извршување на задачите.

Не успеавме да ги пополниме подрачните единици во Крушево и Македонски Брод со лекари, за жал, поради незаинтересираноста за тие позиции и тоа е нешто на што ќе треба да поработи новото раководство.

Во оваа институција работат врвни професионалци, кои одлично се справуваа со сите тешки моменти кога бевме најпотребни за населението. Спречени навремено беа сите потенцијални епидемии предизвикани од ширење на вируси, кога имавме временски неприлики, или кога тие беа “увезувани“ од странски државјани.

Во соработка со локалните самоуправи организиравме превентивни дератизации и дезинсекции со што ги држевме под контрола преносителите на евентуалните заразни заболувања. Вршевме едукации по училишта и претпријатија за подигање на сфеста на населението за сите заболувања и за здрави навики на живот, како би ги информирале за сите последици од негрижа за своето здравје. Се грижевме за квалитетот на водата заедно со ЈКП Водовод и навремено известувавме кога имаше проблеми. Сугериравме преку Советот за Јавно Здравје, за сите активности кои требаше да ги преземе Локалната самоуправа за подобрување на квалитетот на живот на населението, а се со цел тоа да биде поздраво. Бевме на располагање за секакви испитувања на сите наши партнери, кои се занимаваат со производство, преработка и трговија на храна, како и на сите здравствени институции во подрачјето кое го покриваме.

Центарот за Јавно Здравје е многу сериозна и многу битна институција, која мора да стои на здрави нозе и мора да продолжи да напредува за да држи чекор со брзото темпо на промени во општеството!

Му посакувам на новото раководство и на новиот директор да продолжи уште посилно со активностите кои би допринеле за подобро здравје на населението!

Со почит,

Спец.д-р. Гоце Ингилизов”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.