Општина Прилеп во изминатиот период инвестираше во подобрување во патната мрежа како во градот така и во населените места, со што согласно Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици инвестиравме во 200км. асфалтна патна мрежа со вкупна инвестиција од 22 милиони евра, истакна денес актуелниот и кандидат за градоначалник на Општина Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ристески.
Ристески истакна дел од приоритетни проекти од патната инфраструктура, во наредниот четиригодишен период.
-Реконструкција на дел од ул. „11-ти Октомври“ се работи за реконструкција на улицата со четири коловозни ленти, среден разделен појас со улично осветлување, велосипедски патеки и двострани тротоари, како и изградба на крстосница со кружен тек над градската река, со што ќе се зголеми безбедноста, проточноста и ефикасноста во сообраќајот во овој дел на градот, изведба на ул. „Кеј 1-ви Мај“, од Стара автобуска до мостот во Сточен пазар, реконструкција на булевар „Гоце Делчев“ (поранешна градска кафана до крстосница кај НУЦК Марко Цепенков со кружни текови), реконструкција на улица „Цар Самоил“(од х.Салида до крстосница Чумовчанец), вели Ристоски.
Актуелниот и кандидат за градоначалник посочи дека ќе се градат и обиколници. Една од нив ќе биде на на патот Сивец-Леково – магистрален пат за Битола, обиколница која ќе се гради заедно со мермерниот комбинат, ЕЛС и различни фондови за кој веќе е направен проект.
-Ќе се направи физибилити студија и проект од ИЗ од Крушевски пат – Билјана,Политекс до ИЗ на стариот пат за Битола. Во третата фаза од изградбата на експресниот пат Прилеп – Градско предвидена е клучка со надвозник и подвозник кај бензинската пумпа на Лук Оил со што ќе се подобри изгледот на влезот на градот, а исто така во програмата е влезена и клучката кај ТИРЗ. Ќе ги реконструираме и улиците „Орде Чопела“ (влез во градот од Македонски Брод) , како и улицата „Леце Котески“ (влез во градот од Крушево), вели тој.
Ристески вели дека ќе бидат изградени и кружни текови на следните локации: Мост Табана, кај Нова автобуска станица, кај интернат, кај маркетот Тинекс и на други места по потреба и во договор со УЗ.
-Ќе бидат асфалтирани и неколку локални патишта со средстава од различни фондови за кој веќе локалната самоуправа има подготвено конкретни проекти како што е патот од с. Волково до Манастир ,,Свети Никола,, – Прилепец, патот од Прилеп до с. Дабница, пат до с. Селце, пат од с. Ореовец до с. Крстец, пат до с. Марул; пат од Р2338 до с. Полчиште; пат од с. Подмол до с. Бонче, пат до Манастир „Св. Илија“ – Дрен. А ќе се продолжи со реконструкција и рехабилитација на улиците во градот и во населените места, нагласи Ристески.
Тој потенцираше дека Општина Прилеп и понатаму ќе биде лидер во изградба на инфраструктурата во градот и во населените места.