Екипата на Реал Мадрид влезе во историјата на Лигата на шампионите во Европа како втор тим кој успеал да ја одбрани титулата после Милан.
Во 62.финале на „Милениум“ стадионот во Кардиф најдобриот играч на светот Кристијано Роналдо и другарите успеаја буквално да го уништат Јувентус победувајќи го со 4-1 и со тоа го кренат „клемпавкото“ по 12 пат во историјата дури пет повеќе од Милан.
Натпреварот започна со иницијатива на Јувентус и две шанси во првите шест минути. Најпрво се закани Игуаин, а веднаш потоа прекрасно биеше и Пјаниќ, но Навас на двапати беше на вистинското место.
Избраниците на Зидан првата закана ја имаа во 11. минута преку Роналдо, а контролата „кралскиот клуб“ започна да ја презема по 15. минута. Во 20. минута веќе беше 1-0 за мадриѓаните, Крос започна контра, додаде до Карвахал, а овој до Роналдо, кој прекрасно биеше за 1-0.
Во продолжение од мечот Јувентус го притисна актуелниот шампион на својата половина, а тоа во 30. минута го искористи Манџукиќ, кој со „ножички“ го совлада Навас за 1-1, резултат кој остана до крајот на првото полувреме.
На стартот на вториот дел избраниците на Зидан подобро отворија, се обидува да го совладаат Буфон, креираа полу-шанси, нб без завршница. за разлика од Јувентус кој беше повлечен на својата половина.
Тоа фудбалерите на Реал Мадрид знаеа да го казнат. Најпрво во 61. минута Касемиро со удар од околу 25 метри го совлада Буфона, а само три минути подоцна по одличната асистенција на Модриќ, Реал Мадрид преку Роналдо поведе со 3-1.
Во продолжение „старата дама“ не успеа да ги консолидира своите редови, во 84. минута Квадрадо заработи и црвен картон. Конечниот дебакл на Јуве го затвори Асенхио со гол во 91. минута.
Со денешната победа Реал Мадрид ќе биде противникот на Манчестер Јунајтед во Суперкупот на Европа, кој ќе се игра во Скопје.