Разговор со Претседателот на ФК Победа д-р Гоце Ингилизов по завршувањето на дебитантската сезона во Првата лига

18986461_10213248985243154_1689092957_o

  1. По 36 одиграни натпревари шампионатот на Првата лига заврши. И покрај многуте турбуленции, лош почеток, проблеми со неиграњето во Прилеп, остварена е примарната цел – обезбедување на опстанок. Ваше видување на сезоната?

-Може да се каже дека на крај добро се заврши, иако никогаш цел не ми бил опстанокот, туку средината на табелата. Но околностите направија на крај да сме задоволни и со овој пласман. Почетокот беше катастрофален, мислам дека екипата беше очајно подготвена од физички и тактички аспект и натпреварите беа мачни за гледање. Не можевме ни по 60 минути да издржеме и скоро сите голови ги примавме при краевите на полувремињата. Го променивме тренерот, а на новиот тренер му требаше долг период за да ја дигне и формата и подготвеноста на играчите, па резултатите не дојдоа навреме за да избегнеме борба за опстанок. Сепак, најголем проблем ни беше неиграњето во Прилеп, нешто што ни одзеде премногу енергија, време и пари, а екипите во нашата Прва лига немаат некоја разлика во квалитет, па домашниот терен е витален. Земете го примерот со Пелистер кога играа во Охрид. На крајот од првенството, откако се вративме во Прилеп, тргнаа и победите. Многу луѓе беа скептици за нашето претставување на стадионот на Могилата на непобедените, но јас бев убеден дека тука ќе имаме успех.

  1. Сезоната може да се анализира од повеќе аспекти и низ повеќе различни статистички показатели. Есента не ги исполни очекувањата по што на полусезона беа ангажирани 7 засилувања. Но и пролетта не почна најдобро, екипата не ги бележеше очекуваните резултати, пред се поради клучниот проблем а тоа беше неефикасноста која се рефлектираше со малодушност и немање на самодоверба кај фудбалерите. Сепак за среќа очекуваните резултати дојдоа кога беше најпотребно, кога се решаваше шампионатот – во последниот 4-ти круг. Враќањето во Прилеп и играњето пред домашна публика и на свој терен и победите над Силекс и Шкендија но и на гости со Шкупи и Брегалница беа решавачки. Пресудна беше серијата од 5 последователни победи, или 6 во 7 кола, кои го донесоа директниот опстанок.

-Играчите кои играа уште минатата сезона, беа многу млади, неискусни, но според мене доволно квалитетни за да се носат во Првата лига. Целта ни беше да го оставиме тој костур од млади играчи, кои ќе ги засилиме со неколку играчи кои ќе донесат искуство и стабилност. Летото дојдоа неколку играчи, кои беа или повратници по повреда или без доволно натпревари во екипите каде играле. Дојдовме од Втора лига, со целосно нарушен имиџ на клубот, скромен буџет и недоволно искуство, како и ископан домашен терен и немаше многу кандидати за да дојдат во нашиот клуб. Но пак ќе кажам, имавме доволно квалитет за да сме во средината на табелата. Но нодоволно спремни влеговме во првенството, па серијата лоши резултати на почетокот не стави во позиција да менуваме тренер и да се бориме за опстанок до крај. На полусезона, дојдоа неколумина кои ја зголемија конкуренцијата во тимот, добро се спремивме физички, а откако се воиграа играчите и откако се вративме во Прилеп, дојдоа и поволните резултати. Чудно,некако ни се повтори пролетниот дел од сезоната 2015/16, па и оваа сезона имавме доста поуспешна пролет од есен.

  1. Како сте задоволни од игрите на фудбалерите и работата на Стручниот штаб. Сигурно има такви кои ги исполнија очекувањата, но и такви кои не покажаа квалитет достоен за дресот на Победа и настапите во Првата лига?

-Од работата на стручниот штаб сум задоволен. Мислам дека добро работат и има напредок во подготвеноста кај сите фудбалери. Екипата е многу поподготвена од лани во сите аспекти, а низ сезоната променивме и неколку тактички формации, во кои секој играч во даден момент имаше придонес во резултатите. Доста од играчите го покажаа својот квалитет при крајот на првенството, нешто што во иднина нема да се толерира. Имаше неколку играчи кои целосно ме разочараа, а очекував да се носители на играта и тие ќе бидат ослободени од клубот. А имаше и такви од кои не очекувавме премногу, а прераснаа во носители на играта. Мислам дека шанса им беше дадена на сите кои беа или стигнаа во клубот и нема да имаат право да се лутат кога ќе се дефинира тимот за наредна сезона. Секој може да си ја провери минутажата и придонесот во резултатите.

  1. Играчите се на одмор до 24-ти јуни. Кога ќе биде дефиниран планот на подготовките? Каде ќе се подготвува екипата?

-Планот за подготовките ќе го договориме за десетина дена.

  1. Љубителите на фудбалот најмногу ќе ги интересираат засилувањата. Со спонзорите клупското раководство треба да го дефинира буџетот од кој ќе зависат амбициите за новата сезона. Навивачите и прилепската фудбалска јавност, сходно на фудбалското минато, уште од сега бараат атак на позициите во врвот на мак-фудбалот и борба за излез во Европа?

-Со Штерјовски веќе разговаравме за неколку играчи од домашното првенство, кои би можеле да дојдат кај нас. Но според мене најважно е да овој костур од тимот кој сега го имаме, остане во Прилеп. Се виде дека играчите имаат квалитет и потенцијал, па со неколку дополнувања во тимот, може да сме значително подобри од лани. Ме контактираат десетина менаџери, но повеќе нема да експериментираме. Ќе донесеме или квалитетни играчи или млади потенцијали кои ќе ги пробуваме во текот на подготвителниот период. За ова одлучува Шефот на стручниот штаб и тој на крај ја составува екипата. Буџетот ќе го дефинираме наредна недела заедно со сите спонзори, но тој нема да е којзнае колку различен од овогодинешниот, со таа разлика што оваа година планираме да играме дома во Прилеп и тие огромни трошоци кои ги имавме за патувањата, да ги пренамениме во пари за играчи. Прилепските љубители на фудбалот очекуваат засилувања и подобри игри на тимот и со право. Но треба да бидат стрпливи, почнуваме од „нула“ и треба време за тоа. Неколку пати потенцирав, во Прилеп нема услови за фудбал, ние само сакаме, а никој ништо не прави во врска со тоа. Педесет години наназад, моите претходници не собрале сила да направат еден стадион и едни соблекувални за клубот, а да не зборувам за современ тренинг центар, каде ќе има беспрекорни услови за развој на екипата. Ние еве за две години барем стадионот на Могила го средивме и во иднина ќе остане како добар терен за тренинг со добри соблекувални и канцеларии. И нема тука да застанеме!

6.Кога со Стручниот штаб ќе биде дефинирана трансфер листата, имињата на фудбалерите кои ќе го напуштат клубот, и секако првите засилувања?

-И за ова веќе разговаравме со Шефот, но ќе дефинираме до крајот на наредната недела за тоа кој ќе биде ослободен од обврските, иако и не треба многу мислење. Видете ја минутажата и учинокот на фудбалерите и сами ќе си одговорите на ова прашање. За засилувања не сакам да зборувам, додека немаме ништо конкретно. Сигурен сум само во едно, ќе се засилиме со 4-5 млади фудбалери од нашите младински категории.

7.Како прв човек на клубот добро сте упатени во случувањата и потенцијалот со кој располага Младинската школа на ФК Победа и сте поборник на вклучување на млади играчи во работата со првиот тим. Дали и кои играчи од младинските погони ќе се приклучат на првиот тим на летните подготовки?

-Пролетва ги следев и натпреварите во сите младински категории. Таму имаше доста убави моменти и забележав доста квалитетни младинци, кои пополека веќе ги приклучуваме во првиот тим, по потреба. Но до почетокот на подготовките ќе ги одбереме оние кои се со најголем потенцијал и ќе ги приклучиме на првиот тим. Тие играчи ќе тренираат со прв тим, ќе се борат за место, но ќе играат за младинската екипа на Победа. Целта ми е да составиме еден тим од неколку генерации, да играат заедно и да се борат за највисок пласман во таа категорија. Можам да ги набојам сите кои ми оставиле впечаток, но сепак треба да одберат тренерите, а не јас, барем кога станува збор за првата екипа. Во Македонија ретко тренерите собираат храброст да промовираат млади играчи, секогаш бираат поискусни веќе докажани, па она правило за минимум еден играч до 20 години во екипа, да сум јас би го направил минимум 3 играчи. Ние никогаш нема да имаме ниту доволно средства, ниту доволно добра инфраструктура, ниту пак доволно квалитетна лига за да се носиме со европските клубови, освен преку промоција на млади играчи, кои би се развивале побрзо од своите врсници во другите држави, би имале поголемо искуство и единствено така ќе може да имаат некаква предност пред нив. Инаку секогаш ќе сме подредени и во еврокуповите и кога игра нашата репрезентација.

8.Еден од клучните проблеми е неиграњето на Градскиот стадион. Јавноста ќе ја интересира како стојат работите. Кои се причините за застојот, кога би почнале работите и кога првиот тим ќе може своите мечеви да ги игра на ,,Гоце Делчев, каде и самиот клуб би остварувал приход од продажба на билети?

-Да, така е! За жал, се одолговлекуваат работите во изградбата на стадионот и тоа ни прави огромни проблеми. Сепак, стадионот не е од ФК Победа и ФК Победа нема апсолутно никаква врска со стадионот „Гоце Делчев“. Реновирањето на тревникот и поставувањето на осветлување според договорот, е обврска на ФФМ, а трибините на Локалната Самоуправа. Колку што сум информиран треба да започнат со работа секој момент. Но, реконструкцијата ќе трае неколку месеци и ние сигурно нема да може таму да играме барем до крајот на есенскиот дел на следното првенство. Затоа ќе инвестираме во дополнителна подготовка на стадионот на Могилата на непобедените, за да продолжиме таму додека не се заврши „Гоце Делчев“. Остварување на приход од продажба на билети е многу тешка работа, при нашиов менталитет балкански. Секој знае за фудбалот, за играчите, за тактиката, за засилувањата, за буџетот, за стадионот, ама никој незнае како е да се купи билет и со тоа да се бодри клубот. Срам ми е да кажам, ама морам да кажам дека на натпреварите со Шкупи и Брегалница на стадионот на Могила имаше по 3.000 гледачи, а по 56 и 75 продадени карти. Така не бива клуб, така не се бодри тоа што се сака, така нема напредок. Сакаат прилепчани добар буџет за играчи? Е па лесна е математиката:3.000 билети по натпревар имаме минимум два натпревари месечно. Ако билетите се продаваат по минимална цена од само 100 денари, ќе добиваме околу 10.000 евра приходи од билети.Трошокот за натпреварите е околу 4.000 евра, па 6.000 евра месечно ќе остануваат за играчи и тоа три екстра добри играчи за македонски услови. Или пак пари за екстра стимул на екипата. Не може ем да се сака Победа, ем да се критикува секој неуспех, ем да се бара да сме при врвот, а да продаваме по 50 карти по натпревар, е не бива така.

  1. Најавивте, во соработка со Локалната Самоуправа како клупски меаџмент и изградба на клупски тренинг камп на теренот на Металец. Кога би се реализирала оваа идеја?

-Не сме најавиле изградба, туку сме рекле дека ќе се потрудиме да направиме добра инфраструктура за тренинг на сите категории фудбалери, како и за првиот тим, а една од идеите беше и таа. Прва од тие активности е реконструкцијата на стадионот на Могила, каде испадна убав објект и тој ќе може да се користи во иднина и за тренинг и за натпревари. За стадионот „Металец“ во соработка со Локалната самоуправа веќе ја испитавме сопственоста на земјиштето и направивме нацрт проект, кој треба во иднина да се разработува и да побараме инвеститори и пополека да почнеме да го градиме. Тоа се огромни средства за наши услови и тоа полека ќе го надградуваме. Морам повторно да кажам, почнуваме од нула во буквална смисла на зборот. За тоа говори и фактот дека во одреден период бевме принудени да тренираме и во Големо Коњари(на што им сме благодарни), па секој чекор е премногу тежок, комплициран и скап, и треба да се цени од јавноста, нешто што не го чувствувам.

  1. Како финансиски стои ФК Победа. Дали во рамките на проектираниот буџет и кои би биле неговите проекции за следната сезона?

-Оваа сезона ја завршивме во рамките на проекцијата. Морам да искажам огромна благодарност до спонзорите: ,,Прилепска Пиварница,,, ,,Комфи Ангел,,, ,,Жито Прилеп,,, ,,Мермерен Комбинат,,, ,,Витаминка,, како и Локалната Самоуправа, кои беа максимално коректни и присутни на сите активности во клубот и излегуваа во пресрет на сите наши потреби. Ќе се потрудиме да имаме доволно средства за да сме конкурентни наредната сезона, но не е се во фудбалот во парите. Треба многу работи да се наредат за да имаме успех:формата, кондицијата, тактичката подготвеност, здравјето и тимскиот тух од една страна, терените за тренинг, теренот за домаќинските натпревари, публиката и навивачите од друга и среќата од трета страна. Кога сите овие работи се поклопат, има успех. Гледате дека многу побогати клубови имаат неочекувани резултати, затоа велам дека на сето ова погоре треба да се мисли, не само на буџетот.

Инаку штедевме максимално, поставивме принципи според кои сите пари се насочуваа кон платите на играчите и основните трошоци за организација на натпреварите. Во административниот дел на клубот ангажирани се неколкумина ентузијасти кои земаат минимални надокнади, а јас го работам сето ова бесплатно. Се изнаслушав секакви приказни оваа сезона, за пари, за кладилници, за стадиони, за местенки…Ниту една од тие работи не е виститнита. Тоа одговорно го тврдам и гарантирам дека сами си се изборивме за местото каде сме и на никој ништо не должиме.

Оваа и минатата сезона имавме огромна поддршка од НК ,,Мајмуни,,,тие беа присутни и во тешките и во убавите моменти. Фудбалот се игра за забава на публиката, за тоа е измислен, а не за да биде некаква скапа играчка и можност за остварување на профит од нечесни игри. Затоа е многу битно публиката да се врати на терените низ Македонија, оти нема ефект од играње по празни терени. Би ги повикал и навивачите и сите останати љубители на фудбалот во Прилеп, уште помасовно и посилно да го бодрат својот сакан клуб, но и да се стрпат, оти резултатите преку ноќ невозможно е да дојдат. Сите мои и сите активности на оние кои работат во клубот, се за доброто на ФК Победа, се надевам дека и навивачите и останатата публика се што ќе мислат, коментираат и ќе направат во иднина, ќе е за добро на клубот. Само сите заедно можеме да придонесеме во изградбата на еден стабилен спортски субјект, кој ќе значи и во Македонија и во Европа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.