Програма за одбележување на националниот празник “11 Октомври” во Прилеп

Денот на почетокот на народноослободителната борба “11 Oктомври”, и оваа година со богата програма ќе биде одбележан во општина Прилеп.

Настаните по повод празникот започнаа изминатиот викенд со одржувањето на Интернационалниот музички фестивал за детски песни “Ѕвездички” кој по 17-ти пат се одржа во Прилеп. Следуваше натпревар во стандардни, латино-американски танци, во организација на танцовиот клуб “Темпо”.

Утре, вторник 10 октомври, со почеток од 10-15 часот ќе се одржи традиционална крводарителска акција, а во 12 часот на плоштадот “Методија Андонов – Ченто” децата од основните училишта во Прилеп ќе го формираат државното знаме.

Централната манифестација е на Камента бина на плоштадот “Александрија”, каде со почеток од 19 часот ќе настапи детскиот хор “Мали ангели”.

Истовремено во домот за култура “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата на уметникот Никола Смилков.

Во 19:30 часот свој поздравен говор ќе има градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески.

Во 19:45 часот ќе се изведе симулиран напад на Участокот  и огномет.

Во 20:00 часот започнува концертот на музичката група “Синтезис”, a на задоволство на младите во 21:00 часот ќе настапи Dj Meto s.

На самиот ден 11 Октомври, во 09:30 часот свежо цвеќе ќе биде положено пред спомен обележјата на Кузман Јосифоски – Питу, Методија Андонов – Ченто и Могилата на непобедените.

Од 10 – 14 часот ќе се одржи традиционалната “Kилимијада”, а истовремено ќе започне и автомобилската изложба “Тuning Car Show”.

На 11 Октомври започнува и фестивалот на медот во Прилеп, кој ќе трае до сабота 14 октомври.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.