ЈКП „Комуналец“ од Прилеп ќе гради компостара со средства обезбедени од ИПА програмата од третата компонента за прекугранична соработка. Овој грант за изградба на компостарата изнесува 10.675.000 денари и опфаќа чистење, тампонирање, набивање на плато и набавка на машини за компостарата. Компостарата ќе биде изградена кај депонијата Алинци, веднаш до фабриката за секундарна селекција на отпадот која моментално се гради со интензивно темпо.
Во текот на претходната недела во Солун се одржале прелиминарни преговори на која средба учествувале сите партнери во проектот и претставниците на Заедничкиот технички секретаријат за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција. Партнери во Проектот од македонска страна се Прилеп , Велес и Свети Николе, а партнери од Грција се две општини од Солун, Термаикос и Халкидона како и Универзитетот за технолошка преработка од Солун.
„Овој проект беше порепознаен како доста позитивен затоа и ги добивме овие средства. Компостарата ќе биде на еден начин затворање на целиот систем на управување со отпадот во градот. Реализацијата на проектот за примарна селекција на отпадот, која ние сами ја финансираме и со кој се делат корпи за селекција на отпад планирано е да заврши во 2017 година и тој би чинел 1 милион евра. Изградбата на фабриката за секундарна селекција, која моментално се работи кај депонијата Алинци ќе чини 2 милиони евра и на крај компостарата. Се надеваме дека сите овие процеси ќе завршат кон крајот на 2018 или почетокот на 2019 година. Со тоа Прилеп ќе добие модерен центар за управување со отпад, односно ќе се добие нулта отпад, нема повеќе да има ѓубре, целиот отпад ќе биде преработуван во секундарни суровини кои се продаваат на пазарот и целата депонија би била преработена и рекултивирана за 5 до 6 години. Освен еколошки бенефит Прилеп со овие проекти ќе добие отворање и на преку 200 нови работни места“, истакна Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Дополнително „Комуналец“ од сопствени средства ќе инвестирал во асфалтирање на плато, изградба на отцедни канали, таложница и складишен простор. Според сите мерења на сопствените количини и користење на податоци од странски компании кои се занимаваат со производство на компостирање, за почеток ќе се градело отворен систем за компостирање со дел складишен простор за сув компост, на површина од 4.000 м2.
По сите мерења на отпадот, следењето на патот на отпадот, финасиските конструкции за примарна и секундарна селекција, од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, сметаат дека овој модел каде е применлива примарната и секундарната селекција во помалите општини бил најисплатлив модел во инвестициониот дел и препорачуваат дека секоја општина може сама да го реши управувањето со отпадот.
„Имавме прелиминарни разговори во Солун, нашиот проект немаше никакви забелешки, продолжуваме понатаму, потпишувањето на договорот ќе биде кон крајот на јуни, а проектот за компостарата треба да започне до септември. Она што го препознаа во нашиот проект е желбата и континуитетот кој Прилеп го држи сите овие години во селекцијата на отпад и за тоа да имаме нулта отпад. Граѓаните ќе добијат во иднина иста сметка, а ние ќе возвратиме со инфраструктура која редовно се доставува. Од септември аплицираме повторно до овие фондови, планираме да доставиме проект или за дробилка за градежен шут или за линија за рециклирање на текстил“, рече Лилјана Силјаноска Пуредеска, одделение за односи со јавност во ЈКП „Комуналец“ – Прилеп
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека ова е само уште еден доказ дека Прилеп е лидер во Македонија во искористувањето на ЕУ фондовите.
„Со задоволство и радост може да кажеме дека Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ ќе бидат корисници на уште едни средства кои доаѓаат од ЕУ, со што докажуваме дека Општина Прилеп на ниво на Македонија претствува лидер во користење на ЕУ фондовите и средствата на другите фондации кои се присутни во Македонија. Компостарата многу ќе придонесе за работата на фабриката за секундарна селекција на отпадот која моментално се гради и за комплетните инфраструктурни работи на таа фабрика. Ние и понатаму ќе продолжиме како локална самоуправа и другите јавни претпријатија од градот да ги пратиме сите повици на ЕУ и достапните фондови, да аплицираме за да добиеме средства кои ќе се реализираат во разни проекти за подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните. За 12 години Прилеп има искористено преку 50 милиони евра од овие ЕУ фондови и донации и има десетици успешно реализирани проекти, со што Прилеп прераснува во еден модерен и успешен град“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Кај депонијата Алинци веќе се гради фабриката за секундарна селекција на отпадот, инвестиција која ќе чини околу 60 милиони денари и ќе отвори околу 100 работни места.