Десет седмици веќе траат протестите на граѓанската иницијатива “За заедничка Македонија”, десет седмици граѓаните најжестоко се спротивставуваат на погазувањето на нивната чест и достоинство и на ефтиното продавање на државните и национални интереси.
Прилеп и вечерва масовно застана на браникот на одбрана на државата и достоинствено маршираше под црвено – жолтиот превез на државното знаме.
Нови избори за ново изјаснување на граѓаните за содржината во така наречената албанска платформа се главното барање за спас на Македонија. Оваа постизборна платформа, зад чија реализација застанаа албанските партии, преку главниот извршител СДСМ, и денес и во наредните денови ќе биде причина за револт и негодување.
Македонецот ќе престане да биде свој на своето во својата држава, промената на државните симболи, како и можноста за промена на државното име и воведувањето на втор службен јазик во државата, е нешто што треба и мора да се спречи.
Присутните неколку илјади граѓани ги повикаа сите кои немо седат дома, да излезат и да се приклучат во борбата за Македонија.
Пред присутните граѓани вечерва се обрати професорот по историја Марјан Дукоски.
Маршот “За заедничка Македонија” во Прилеп, продолжува и утре, со почеток од 19 часот, пред хотелот “Липа”.