Прилеп доби уште еден нов пешачки мост: Граѓаните презадоволни (ФОТО)

Денеска започна поставувањето на новиот пешачки мост на градската река во Прилеп кој ќе биде лоциран во близина на основното музичко училиште. Мостот е изграден од челична конструкција во должина од 24 метри. Тој се гради токму на ова место по барање на жителите од урбаните заедници „Корзо“, „Тапани“, „Чачорица“, „Рид“ и централниот дел на градот. Пешачкиот мост ќе ја поврзува улицата која води покрај музичкото училиште со Врбенско маало. Жителите на овие населби се презадоволни од оваа најнова инвестиција на локалната самоуправа која е вредна 1,2 милиони денари.

„Овде имаше мост пред 50 години, сега конечно по 5 децении повторно се поставува мост, ова ќе биде од голема помош за сите ученици од овој крај кои одат на училиште во ООУ „Кочо Рацин“. Но и за жителите сега е скратен патот до центарот на градот“, Круме Митрикески, жител на Врбенско маало.

„Презадоволни сме од изградбата на пешачкиот мост. Ова го чекавме со години, долго време и со градоначалникот имаме дискутирано на оваа тема кога имаше средби со месната заедница. Ова е благодет за нас. Од тука слегуваат сите жители од населбите „Рид“, кажа Ване Бицев, жител на Врбенско маало.

„Сега ќе имаме поголем пристап до центарот на градот и децата посигурно ќе стигнуваат до училиштето. Улицата е едносмерна и многу автомобили поминуваат од тука и се паркираат. Сега ќе биде полесно“, вели Виолета Митрикеска, жител на Врбенско маало.

Увид во градежните активности денеска изврши и градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, кој рече дека со оваа најнова инвестиција се исполнува едно големо децениско барање на жителите од повеќе населби во градот.

„Ова е долгоочекуван проект кој со децении го бараат жителите на овие населби. Сега конечно ќе се поврзе Врбенско маало со центарот на Прилеп и ќе се овозможи подобар и побрз пристап на граѓаните. Вредноста на мостот изнесува 1,2 милиони денари, пари обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Инаку ова е втор пешачки мост кој за брзо време се поставува на градската река. Претходно ваков мост се постави кај ООУ „Кире Гаврилоски“ во населбата „Ѓогдере“. А исто така беа реконструирани и мостовите кај ООУ „Кочо Рацин“ и мостот кај старата автобуска станица“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Според динамиката на работа мостот ќе биде ставен во функција за околу една недела.

„Изведувач на работите е компанијата „Монтинг“ од Битола, мостот е долг 24 метри и тежок е околу 6 тони. После монтирањето следува да се доуреди патосот на мостот и за околу една недела тој ќе биде ставен во функција. Се надеваме дека во иднина во согласност со комуналната програма ќе има поставување и на други вакви мостови“, истакна Бранко Нешкоски, раководител на ЈП за ПУП.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.