Прилепчанката со големо срце чија книга мораат да ја прочитаат сите жени (ВИДЕО)

Во вторникот во Културно-информативниот центар во Скопје беше промовирана Стихозбирката „Жена“ од Катерина Грозданова.

“Оваа книга настана од многуте разговори, емоции, што сме ги делеле, а и повремено, потајно, интимно, сеуште ги делам со некои од нив. Се она што сме го рекле или не, е преточено и во оваа книга. На почетокот тргнав со мисла дека ќе немам ни двеесет жени, но на крај испадна дека ќе има и втора збирка. Ова зборува за мојата среќа што имам толку многу блиски жени, што за моја среќа, за да ги избројам во првата книга ќе ми требаат три раце, и толку за втората. А само две за силна прегратка и љубов кон нив. Преку стихозбиркава, со едноставен, но симболичен наслов “ Жена” – пишува авторката во описот на книгата.

“Секој напишан збор во мојава најнова збирка поезија, има во себе оставено дел од мојата духовна растрепереност пренесена од мојата рака. Тоа е одраз на внтрешната, длабока поврзаност со секоја од нив. Во стиховите на “ЖЕНА“ е втиснат секој мој трепет, како печат. Сакав, и ги нареков “ моите “ жени. Ги знам низ годините, секакви, а за тоа придонела взаемната размена низ нашите дни. Сакав, и мислам дека конечно постигнав мир, со мојот внатрешен немир, кој ме тиштеше долги години”, додава Катерина за својата нова стихозбирка.

Катерина Грозданова е родена во Прилеп и по професија е економист. Досега има објавено неколку книги. Нејзино прво дело е „На попатнина кон Дома…“, поетска проза објавена во 2015 година. Во 2016 година ги објави расказите „Трпеза“, а третата книга ја подели со својот сопруг Борче Грозданов со наслов „Љубов-Патешествие“. Нејзиниот дел е „Љубов“. Оваа книга излезе од печат во 2017 година

“Сакам преку оваа реч, да им заблагодарам на сите нив и на оние кои ќе дојдат во мојот живот. Да им кажам силно Благодарам за тоа, колку искрена љубов ми подариле, за да потече мојата книга “ Жена “. Некои од нив сум ги сретнала само еднаш и преку “клик“ душите се препознале. Затоа, поскаувам уште многу такви средби, бурни – силни, Љубовни… “

Од неа, Љубовта, ќе настане “ Жена 2“, во која ќе бидат опеани сите оние за кои во оваа стихозбирка немаше место, т.е. доволно листови хартија”, завршува авторката.

Катерина Грозданова за својата книга зборуваше и пред камерата на Македонската Радио Телевизија и на најдобар начин истакна за што точно се пишува во нејзините песни.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.