Прилепските земјоделци и тутунари денеска побараа одговор од надлежните институции во нивниот град за тоа зошто се уште немаат земено субвенции и тие апелираат до новиот министер Љупчо Николовски да дојде и лично да ги посети.
-Дојдовме тука да прашаме зошто се уште немаме земено субвенции, а добивме информација дека никој ништо не знае и сите ги креваат рамениците, а ние нашиот труд и пот сме го дале, велат земјоделците.
Тие го замолуваат новиот министер Николовски како што најавил пред една недела да ги исплати субвенциите на над 100-ци земјоделци и апелираат тој да дојде во Прилеп и да види како се обработува тутунот.
-Проблемот е што сега тутунот се бере и потребни се нови материјали како најлони, скелиња, конци и сл. А некои од тутунопроизводителите имаат и свои работници и овие субвенции им се добредојдени бидејќи има некои кои немаат други приходи, пензии или социјална помош, велат тие.
Олеснителна околност според земјоделците е тоа што од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ субвенциите изнесувале 60 денари додека пак од претходната од СДСМ тие изнесувале само 30 денари.