Денеска во ЦК „Марко Цепенков“ премиерно беше прикажана новата претстава за деца и млади „Аладин и волшебната ламба“, проект на танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ во партнерска соработка со училиштето за театар „Чин 4 сцена 5“.
Љубовната приказна помеѓу Аладин и Јасмин е проткаена со безброј случки, емоции, убави певливи песни на македонски јазик и разиграни кореографии, преку соодветна адаптација адаптира со прекрасна сценска изведба од цртаниот филм „Аладин и волшебната ламба“ од Дизни.
Кире Миладиноски го направи преводот, драматизацијата и адаптацијата на македонски јазик, а воедно е и режисер, кореограф и автор на сонговите.
Асистентка на кореографијата е Климентина Трајческа, музиката е на Алан Менкен и на Томе Темелкоски, додека гласовите во сонговите се на Томе Темелкоски, Александра Трајческа, Даниел Павлоски и Марија Стеваноска Темелкоска. Во претставата играат Дарко Карбески, Давор Петровиќ, Елена Соколоска, Марија Димеска, Бобан Смилкоски, Анастасија Конеска, Валерија Чавлеска, Рената Трајкоска, Евгенија Кузманоска, Марија Стеваноска, Лилјана Јованоска и Деспина Башеска.