Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности “Зодијак” од Прилеп во партнерска соработка со Училиштето за театар Чин 4 Сцена 5 од Прилеп, во недела на 22 октомври 2017 година во големата сала на Н.У. Центарот за култура “Марко Цепенков” со почеток од 12:00 часот, премиерно ќе ја изведе новата хит претстава за деца и млади со наслов АЛАДИН И ВОЛШЕБНАТА ЛАМБА.
“Најголемиот предизвик во подготовките и адаптацијата на цртаниот филм Аладин и волшебната ламба од Дизни за сценска изведба не е само технички, но и комичен пред се во намерата да се најде начин да се репродуцира извонредниот магичен вокален лик на Џинот во изведба на Робин Вилијамс, а воедно и збогатувањето на македонскиот фонд на адаптирани дела од светската драматургија надополнети со македонски сонгови кои дополнително го збогатуваат овој вид на музичко-сценско дело”.
Дејството се случува во конвенционална средина на средниот исток во градот по име Акраба во Арабија. Формулата на Дизни е позната како и секогаш: обичен херој Аладин со насмевка на лицето што плени; избувлива, прото-феминистичка принцеза Јасмин, која се бунтува против судот и традицијата на општеството во кое припаѓа, се носечките ролји на овој музичко сценски спектакл. Аладин е еден од несоодветните лица на улиците на овој град, кој краде храна за да преживее.
Големиот везир на градот Џафар, во обид да се бори за престолот, сака да влезе во некој вид на мистериозна пештера, во која тој ќе наиде на многу знаење, но за да влезе таму тој мора да биде во можност да го дознае идентитетот на Аладин и да ја искористи неговата помош, бидејќи челуста на мистериозната пештера се отвора само со него, бидејќи тој е како груб дијамант (необработен/суров).
Љубовната приказна помеѓу Аладин и Јасмин е проткаена со безброј случки, емоции и убави певливи сонгови на македонски јазик, од вообичаената Дизниева практика, убави разиграни кореографии и мизасценски решенија, колоритни костими, кои се уредно спакувани пополнувајќи ги сите дупчиња во една детска магична сложувалка.
Преводот, драматизацијата и адаптацијата на македонски е на Кире Миладиноски, јазичната лектура и корекција на текстот на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, режија, костимографија, сценографија, кореографија и сонгови Кире Миладиноски, асистент на кореографија Климентина Трајческа, музика Алан Менкен и Томе Темелкоски, глас во сонгови: Томе Темелкоски, Александра Трајческа, Даниел Павлоски и Марија Стеваноска Темелкоска, маркетинг и видео мапинг Саша Нацевски, играат: Дарко Карбески, Давор Петровиќ, Елена Соколоска, Марија Димеска, Бобан Смилкоски, Анастасија Конеска, Валерија Чавлеска, Рената Трајкоска, Евгенија Кузманоска, Марија Стеваноска, Лилјана Јованоска и Деспина Башеска.
Оваа продукција е потпомогната од Министерството за култура на Република Македонија и Локалната самоуправа на Општина Прилеп, а како копродуцент партнер е Н.У.Ц.К. Марко Цепенков од Прилеп што воедно е матична сцена каде работи танц студиото.