Прекумерно се потите – еве како да си помогнете

profimedia-0041144249

Потењето е природен процес, чија основна функција е да го лади телото. Повеќето луѓе потат кога се физички активни, кога се наоѓаат во топла средина или кога се нервозни, вознемирени или под стрес. Но, има и луѓе кои што потат многу повеќе од нормалното без некоја особена причина. Во вториот случај станува збор за прекумерно потење или хиперхидроза.

За некои, решението на проблемот со потењето е едноставен – антиперспирант. Антиперспирантите содржат алуминиумски соли кои што ги затвораат потните жлезди и го намалуваат лачењето на пот која што допира до површината на кожата.

Важно е да се напомене дека антиперспираните го запираат потењето, а дезодорансите само ја намалуваат непријатната миризба.

Еве неколку совети што ќе ви помогнат полесно да се справите со прекумерното потење:

  1. Бидете релаксирани – Користете различни техники за смирување, како длабоко дишење. Тоа ќе ви помогне да ги намалите стресот и вознемиреноста, кои што најчесто го предизвикуваат потењето.
  2. Одржувајте хигиена секојдневно – Со редовното туширање вие ќе ги отстраните бактериите кои се наоѓаат на површината на кожата и со тоа ќе ја спречите појавата на непријатна миризба.
  3. Избегнувајте зачинета храна – Одредени храни, како феферони или кари, влијаат врз количината на излачената пот. Консумирањето пак на храни како лук и кромид, може да придонесе потта да добие лоша миризба.
  4. Носете со себе антиперспирант или дезодоранс –  Секогаш имајте при рака продукт кој ќе ви помогне да го намалите потењето. Ако во текот на денот, додека сте на работа или низ град, почувствувате дека потењето ви се засилува, лесно ќе можете да ставите уште малку антиперспирант и да го намалите потењето.
  5. Избирајте лесна облека – Многу е важно од каков материјал е изработена вашата облека. Избирајте облека од памук, која што не треба да ви биде премногу тесна.
  6. Носете марамче – Ако чувате марамче во џебот или чантата, можете да ја избришете излачената пот пред да се ракувате.
  7. Не носете капа – За да се борите против потењето, треба да ја одржувате главата ладна.
  8. Користете пудра – Бебешката пудра може да ви помогне да го намалите потењето по телото. За нозете користете специјална пудра за нозе која што ќе ја апсорбира потта.
  9. Не носете ист пар чевли два дена по ред – На чевлите им е потребно едно деноноќие целосно да се исушат. Затоа, обидете се да не носите два дена по ред еден ист пар. Редовно менувајте ги чорапите и кога имате можност шетајте боси. По туширање темелно исушете ги стапалата, затоа што помеѓу прстите остануваат микроорганизми кои можат да предизвикаат габични инфекции.
  10. Информирајте се за хиперхидрозата – Колку повеќе информација ќе соберете, толку е поголема веројатноста дека ќе најдете некој совет што ќе ви помогне да го преодолеете овој непријатен проблем.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.