Денес по повод интернационалниот ден на тутунот, во просториите на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, се одржа работилница со тема: “Штетноста на цигарите и зависноста кај младите.
Оваа работилница ја водеа децата координатори под менторство на в.д. Генералниот Секретар, г-дин Петар Стојаноски, а учество зедоа триесетина членови од Детската Амбасада.
Во самиот почеток на оваа работилница се работеа вежби за концентрација и опуштање, а потоа се определија 4 групи (поим и историја на тутунот, одгледување и производи, штетноста на тутунот и зависност кај младите) и секоја група ја започна работата на хамер.
Откако групите ја исполнија својата задача, следеше презентација, која што најмногу се задржа на групите– Зависност кај младите и штетноста, за која што следеше и дискусија, а и секако беа поставени прашања во врска со денешната работилница.
– Целта беше постигната, нашите членови се запознаа со штетноста на цигарите, кои болести ги предизвикуваат цигарите доколку се користат, но и на оние кои индирекно ги користат, како се развиваат бебињата кои сеуште се во утробата на мајката која пуши цигари, непушачот кој седи во просторија каде сите пушат итн. Децата иако млади ги увидоа овие разлики помеѓу човек што пуши и што не пуши и се надеваме дека со оваа работилница ќе допринесеме во иднина децата, а секако и младите, да не посегнуваат кон овој порок, туку се повеќе да спортуваат и да живеат здрав живот.
Детската Амбасада за Сите Деца во Светот како докажана организација која се залага за правилен психо-физички развој на сите деца ќе продолжи во иднина со реализација на вакви и слични работилници за усмерување на младите на правиот и здравиот пат.