„Извесен број“ лица се повредени за време на инцидентот што се случил со тенк на британската армија на полигонот за обука во воената база во областа Пемброкшир во Западен Велс, соопшти локалната полиција.
Министерството за одбрана во Лондон го потврди инцидентот, но одби да даде какво било објаснување за причините, како и да прецизира за колкав број повредени лица станува збор.
– Запознати сме со она што се случило во базата, за што се води истрага, стои во кусото соопштение на Министерството.
Полигонот на базата во Велс се користи за артилериско гаѓање со боева муниција.
Британските медиуми откриваат дека било предвидено ваквите активности во базата за гаѓање со артилерсики орудија да траат целата оваа недела до петок.
Базата „Кастелмартин“ е единствената локација на британската армија, која има и ваков полигон на кој може да се пука со огнено оружје.
Полигонот го користи Армијата на Велика Британија, армиските резревисти и кадетите, но локацијата се користи и од разни цивилни организации и истражувачки центри.
Базата во Западен Велс е уредена уште во 1938 година и има површина од 5.900 акри.
Пред пет години на полигонот во базата „Кастелмартин“ во еден сличен инцидент загина еден армиски кадет.
За овој инцидент јавноста дозна кога полициски и возила за брза помош се упатиле кон базата, а над неа кружеле хеликоптери на спасувачките екипи од Велс кои извлекувале повредени лица.