Победа ќе влезе во Гинис?!

До крајот на пролетниот дел на сезоната Победа од Прилеп ќе биде домаќин во Охрид, затоа што фудбалскиот клуб од Битола не им дозволува да играат на нивниот стадион – пишува српскиот портал “Yu-sport.net“, во текстот посветен на црвено-белите, но не поради нешто посебно, туку поради тоа што Победа домашните натпревари од првенството ги игра на различни терени надвор од Прилеп.

“Според информациите од Македонија општинските власти од Битола не и дозволуваат на Победа да игра на стадионот “Тумбе кафе” затоа што двата клубови (се мисли на Пелистер) се лути ривали во борбата за опстанок! Поради тоа клубот од Прилеп веројатно своите наредни мечеви како домаќин ќе ги игра во Охрид”, додаваат од порталот.

Од српскиот портал додаваат дека Победа е за влез во Гинисовата книга на рекорди, поради тоа што последните пет утакмици како домаќин ги одигра на пет различни терени надвор од Прилеп. Со Пелистер во Турново, Вардар го дочекаа на арената “Филип Втори”, Шкупи во Битола, Шкенција во Тетово, а Академија Пандев во Охрид.

Победа во сабота мечот против Работнички ќе го одигра во Струмица.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.