Објавениот список на фудбалери на кои селекторот Благоја Милески смета за учество на репрезентацијата до 21-а година на ЕП во Полска со мало изненадување е примено во таборот на Победа. Прилепчани очекуваа барем еден од тројцата стандардни првотимци: Давор Талески, Дарко Илиески или Бурхан Мустафов да се најде на поширокиот список.
Мустафов и беше во репрезентацијата на почетокот на квалификациите, пролетва-особено во финишот на сезоната пружа добри игри во средниот ред на Победа и за очекување беше да го поврати репрезентативниот статус. Стоперот Илиески е стандарден и можеби првотимец со најголем напредок во играта и формата а за неговите услуги веќе имаше и конкретен интерес од дански Одензе.
Се чини најголемите очекувања за место во младата репрезентација беа за голманот и капитен на Победа Давор Талески. Со 22 години тој е најмладиот капитен а воедно и најмлад чувар на мрежите меѓу 10-тте прволигаши. Со своите одбрани оваа пролет даде голем придонес за обезбедениот опстанок на прилепчани во Првата лига. Настапи на 23 натпревари сезоава со 2070 минати минути на голот на Победа, а пролетва беше незаменлив меѓу стативите. На 6 натпревари неговата мрежа на се тресеше, а во Прилеп на 6-те натпревари на стадионот на Могила прими само 3 гола.
Сигурноста на голот му ја донесе и довербата да ја понесе и капитенската лента која со своите одбрани ја оправда. Неговите голмански квалитети се добро познати на тренерот на голманите во младата репрезентација Зоран Мицески, па сигурно би било заслужено со Игор Алексовски и Дамјан Шишковски и Давор Талески како 3-ет голман да се најде на списокот за ЕП во Полска.