Петир до македонскиот народ: Чувајте го највредното нешто на кое сте горди- вашето име и идентитет

Од самиот почеток на мојата работа во Европскиот парламент, секогаш сум се заложувала за тоа Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ и НАТО затоа што Македонија припаѓа на европското семејство, истакнува Маријана Петир.

-На Македонија со години и се нанесуваат бројни неправди една по друга, што ја оставаше пред затворени врати на евроатланските интеграции. Инсистирав на земјата која е подготвена да влезе во ЕУ да и започнат преговорите, а отворените прашања со Грција да се решаваат во текот на преговорите. Сметав тогаш, а и денес сметам дека ЕУ не се однесува чесно и објективно со Република Македонија и дека ја губи својата веродостојност што дозволува билатерални проблеми да стојат како препрека на патот, вели таа во своето видео обраќање.

Петир говори и за преговорите кои македонската Влада ги води со Грција која, како што вели, „на подаден прст сака да земе цела рака“.

-Ја споделувам загриженоста со македонскиот народ поради најавите за промена на името на државата и губењето на идентитетот на кој македонскиот народ е многу горд. Верувам дека таа моја загриженост им пречи и на оние кои доведоа до неа, па овие денови сум известена дека новата македонска Владаформира нова група на пријатели во ЕП, со нов претседател на чело. Иако оваа одлука е во целост политичка, се надевам дека оваа група, во својата работа ќе се води од добробитот на македонскиот народ, а македонскиот народ во мене и натаму ќе има верна и посветена пријателка која и натаму ќе води грижа, истакна таа.

Вели дека најголемо признание за нејзиното пријателство со нашата земја не е само наградата за македонско пријателство која и беше доделена во Вашингтон од страна на македонската дијаспора, туку и секојдневните пораки за поддршка кои ги добива од граѓаните на Македонија.

-Драги Македонки и Македонци, со вас сум и натаму во вашите борби, вашиот идентитет е дел од вас, македонската култура и традиција се непроценлив дел од Европа. На овој начин сакам да ве охрабрам да го чувате највредното што го имате. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме во целта и ќе ја видиме Македонија како полноправна и горда членка на ЕУ, истакна таа.

Извор: kurir.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.