И догодина нема да има покачување на пензиите. Во буџетот нема пари за оваа намена. Највозрасните граѓани ќе добијат само законско прилагодување од стотина денари.
– Согласно законскиот основ за усогласување на пензиите во Република Македонија имаме предвидено средства секако за трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој што има околу 300.000 корисници, преку него – предвидени се 29 милијарди и 158 милиони денари, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Иако е предвидено во буџетот, бесплатните бањско – климатска рекреација, како и пензионерски викенд, најверојатно ќе важат само уште еднаш и тоа во 2018 година, односно се додека не заврши проектот.
– Она кое што го имаа пензионерите, а тоа се бањи и рекреација останува и е предвидено во буџетот. Сега само што заврши последната тура на пензионери кои што беа на бања и ќе ја информираме Владата дека тоа бањите продолжуваат и во 2018 година, рече Царовска.
Од 2010 година до лани бесплатна бања искористиле 37.193 пензионери, а на бесплатен туристички викенд 4.740 пензионери.
Се подготвуваат и промени во пензискиот систем. Надлежните министерства разгледуваат повеќе опции за да се одржи фондот на долг рок.
Во игра се повеќе опции – подигање на старосната граница, раст на придонесите, промени во коефициентот за пресметка на пензии, намалување на процентот кој се одлева во приватните пензиски фондови – засега е неизвесно која ќе преовлада, Владата не коментира на оваа тема.