Коинциденција или зацртана точка во стратешкиот ем егзекуциски план против се што се чувствува Македонско, сеедно, мисијата на Црпко заедно со онаа на Биг Мама Јанева е идентична, оди во иста насока.
Додека Црпко на сите страни се расфрла со пазарџиските изјави дека промена на нашето државно и вековно име ќе има и дека тој е отворен да ги реши сите спорни точки кои нашиот ни јужен сосед ги проблематизира од памтивек, вклучително и прашањето за идентитетот (кој попатно ни е веќе сардисан со шарнатиот предавнички Договор со Бугарија), неговата десна рака Биг Мама, паралелно со еуфоријата на Црпко, си ја бутка во Влада, а веројатно ќе и пројде и во Собрание, фамозната заштитна мерка „промена на идентитет“ на секого што ќе посака од која било причина да биде сведок против „клетите“ вмровци.
За оние што не се упатени во проблематиката мала дигресија и појаснување.
Во Македонија од 2005 година, значи донесен во времето на владење на СДС, има Закон за заштита на сведоци. „Промената на идентитет“ како заштитна мерка е предвидена и уредена и во Кривичниот законик на РМ. Како вчера се сеќавам кога на една од собраниските седници во 2005 година тогашната министерка за правда од СДС, г-ѓата Мери Младеновска, го фалеше законот дека бил работен со најпознати странски експерти, дека во него биле вградени сите европски стандарди за квалитет. Тогаш пратениците на СДС, а и пошироката стручна јавност не доставија ниту една забелешка на предлог-законот, и истиот беше експресно донесен.
Дванаесет години потоа, откако истиот се практикуваше без никаков проблем и со ниту една забелешка од разно-разните дежурни експерти и странски душегрижници, противуставното, насаденото СЈО во правниот систем на земјата покрена иницијатива за промена на овој закон со намера во него да се внесе еден опасен, еден арбитререн и целосно забеган предлог, заштитната мерка „промена на идентитет“ на сведок да биде можно да се утврди и донесе САМО со одлука на СЈО.
Ова, почитувани сограѓани, ако се усвојат измените во законот, ќе значи дека утре СЈО по сопствена проценка и наоѓање може да донесе одлука буквално кого сака и како сака да го натера да биде сведок против некого со тоа што на таквиот сведок СЈО ќе има право да му гарантира промена на идентитет и лет во еден правец за Флорида, или за некое друго егзотично место каде ќе може да живее до крајот на животот.
Според напишаното во предлог-законот, СЈО ќе има право да го заобиколи целиот воспоставен систем на заштита на сведоци, да го заобиколи постојниот Совет за заштита на сведоци составен од претставник на Врховниот суд на Република Македонија од редот на судиите, претставник од Јавното обвинителство на Република Македонија од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкциите во Министерството за правда, претставник од Министерството за внатрешни работи и раководителот на Одделението во Министерството за внатрешни работи.
Со новите законски решенија СЈО ќе има дискреционо право самостојно, без да го праша Советот да одлучи некому да му додели заштитна мерка „промена на идентитет“, без при тоа да постои каква било одговорност на Јанева или на кој било друг специјален јавен обвинител пред кој било државен орган.
Оваа опасна, оваа скандалозна мерка е преседан. Оваа мерка продолжува да го руши правниот систем на земјата, продолжува да ја руши нашата правна сигурност како граѓани, да го руши владеењето на правото, ако воопшто може да зборуваме за некакво владеење на правото во Македонија!
СЈО ќе може дискреционо и арбитрерно да одлучува кој било сведок што мисли дека треба да биде заштитен со „промена на идентитет“ да го вклучи во Програмата за заштитени сведоци. За ваквата одлука СЈО нема да има потреба да бара согласност од најмалку четири члена на Советот, како до сега, туку за тоа Јанева ќе има одврзани раце да тера по принципот „вози Мишко“.
Предложените законски решенија целосно го прават непотребен постојниот Совет, ги омаловажува сите негови претставници и целокупната нивна работа. Според новиниве што експресно се буткаат испаѓа дека Јанева и нејзиниот тим ќе продолжи со практиката да биде над Уставот и над законите, и над сите нас.
Како што беше и до сега, со таа разлика што сега опасноста се шири кон сите нас. Тука веќе не е само во прашање раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ. Во прашање се, засегнати ќе бидат сите оние што го проблематизираат однесувањето на Црпко и неговата влада во јуришничкиот поход за промена на името, јазикот, идентитетот, и се што значи Македонско.
Походот наречен промена на идентитет мора да се финализира без поговор, без критика. Секој што ќе подаде глава и што ќе се спротивстави со аргументи и со разум ќе биде ставен на листата за отстрел. А за кодошење и фрлање камења по сите оние што ќе се најдат на листата за отстрел ќе се најдат многу „јунаци“. Промената на идентитетот некому ќе му донесе многу пари, некому живот на висока нога, некому живот на Бахами или Флорида, некому сон на јаве.
Промената на идентитетот како моден хит на СЈО може сериозно да го зголеми и бројот на иселени лица од Македонија за кои Рада веќе половина година не покажува никаков интерес. Каква пародија!
Тања Каракамишева – Јованоска