Доста беше! Не се додржува, што е многу, многу е! Не можам да молчам веќе. Ако човек молчи, тоа е исто како амин да рекол, за арно или лошо. А во ова време – невреме не бива веќе да се молчи.
На душава камен, во устава пелин од помислата што ќе се случи и што слово ќе им речам на моите деца, моите внуци за предците, за јазикот, за името на татковината ни мила.
Чувствувам, тешко бреме се надвиснало врз нашава грутка и дека резил голем ќе се истури, ќе ги потопи, дворовите, сокаците, гробовите, горите, полињата со жито. Не ќе можам да живеам со срамот ако само скрснозе седам и ништо не сторам пред лошите знаменија кои наговестуваат да го изгубиме придобиеното со крвта на нашите дедовци.
Зар да застанам ќе можам, со крената глава, пред могилите, во кои коските миросани на нашите предци лежат, на нашите сродници со кои посеана е оваа грутка наша? Снеможев, збрложен сум и насекиран, дотука бидува. Затоа морам одвет да си дадам пред светците, пред предците, пред живите, пред најмилите, пред осудата на времето, пред осудата на породот. Морам да си кажам што ми жежи и што ме тромози. И не можам да го задржам, сака да излезе од душава, пустото, небаре веда, сака да молсне и со силен татнеж надалеку да се чуе:
Јас, Љупче Петрески, сопруг и татко на две бисерчиња, роден во „дворо на поп Боро“, крај Стара Црква во Прилепа града, во животот слуга Божји, свештеник и архигрешник, во 2017 лето Господово, својот глас го кревам:
Не аминувам прекрстување на мојата родна грутка Македонија, на мојот јазик македонски, на мојата Црква македонска! Не аминувам било каков лаф-муабет, било каква дума ил размисла, никаков алашвериш нит споразумение за смена на името наше свето!
Што се случи?! Зарем Павле не посеа добро семе?
Од каде сега овој какол низ него? Небаре, после него, Јуда дојде да сее. „Вие браќа (македонци), трпите големи маки и големи неправди од вашите соседи и од вашите соплеменици“.
Чиниш Павле оваа дума вчера ја кажал. Чиниш со Теодосија (Гологанов) побратими по дума се: „Ние Македонците немаме толку мака од Турците …, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат…“. Небаре за макава наша, денешна, думале. Чиниш и двајцата прозорливи биле.
Татковината, браќа, ти е како мајка, која те храни, те пои, те дои, дур на здрави нозе не застанеш, огинот го завалува и душичката ти ја стоплува. Затоа треба да се варди, од похотта туѓа, од оние кои на неа се настрвиле: Од Грците, од Бугарите, од Србите, од Арнаутите, од европејците.
Та затоа, од кога сме пркнале, никогаш одмор, нит починка асолна сме имале. Оружјето прва друшка ни било: во едната рака анџарот, во другата пушката, на појасот нагантот откочен.
И видно е дека сме ја одбраниле. Патем многу дупки ископавме, могили подигнавме и мајки, сестри и жени во црно забрадивме. Многу, многу побратими дадовме, мажи стројни, телом и духом, ко борја вити.
Во секоја ливада, кај тревата до бедрата стасува и мискојна од цветови мириса, во секое поле кај житото под појас не е, во горите, кориите, крај кладенците, кои од нас се крстени, како нам што ни чинело, кај и да кинисаш, чекор да пуштиш, на гроб ќе се сопнеш.
Цена преголема, со азно недоплатима. Подобро речено, тие се азното наше, кое треба ко зеницана да го браниме и од арамии да го вардиме. Оти и гробовите ги покрадоа.
А таквите ги има и знајни се. Лицем светци, срцем в’лци. Везден се јагмат, рака пружаат, не за помош, ами да грабнат што се може, што останало. Демнат ли, демнат ко зверови настрвени, ко кучиња здивени. А ние, пак, сме молкнале, сме се пикнале ко стрини под кошули, ко јагниња безгласни спрема оној што ги стриже, толпа загугана. Сами се подаваме, чиниш наздраво дупки да ни отворат сакаме.
Во некои од нас, злодух влегол, некаков ѓаволов магистрант, та ровари ли ровари, битието ни го пустоши. Го ништи она што лик ни дава, нишанот што единствени не прави, она што не’ определува, што не дефинира.
Затоа, имајќи го сето ова на ум и при срце, ќе ги запрашам оние што на троновите државни седнале, што пред камерине везден се кадросуваат, во колесници торжествени се развозуваат и со железни птици се разлетуваат: А бре вие од умот да не сте кинисани, штом сте наумиле да се прекрстиме, јазикот да го заборавиме, споменот за соплемениците, нишанот да си го избришиме, та тоа што сме биле да не сме никогаш повеќе?
Зар државава наша мила да ја потоморите сакате? Луѓе без спомени, шупливи, сакате да не направите? Та не сме ние од вчера овдека, на овие простори. Не сме од некаде придојдени. Безбели, не сме вештачка нова творба. Не бива при старите, нови огништа да палиме, нови бунари да ѕидаме, а на старите да плукаме. Да не далдисавте со умот? Не гледате ли дека заговарањето (алашверишот) на нашите соседи е поигрување со нашата малодушност? Гибелта на името е гибел и на јазикот, и на идентитетот. Бидува ли куќа без темел да се гради? Може ли дрво без коренот свој на ветрот да одолее?
Мислите ли дека некој на нас со дикат ќе се пули ако се прекрстиме?
Сте се разлигавиле од желба волчицана европска во челуста озабена да не земе. Ко малоумни сакате да втрчаме во прегратката на Болниот од Брисел. Тој лицемер голем, тој ѕвер озабен, тој беззаконик невиден, тој подмитувач ненадминат, тој завоевател лукав, тој злодеец препреден, дијание аморално, пезевенк и тавтабита…
Целиот е со лути рани опсипан, здивот му смрди, плотта му се распаѓа, месишта се кинат и од предсмртни болки се тресе. Зар за таква прегратка името да си го смениме, да се прекрстиме? Зар со такви да се побратимиме и да се дружиме? Ако таква мечта имаме, тогај ќе мора на намузот да си цапнеме и да се обезобразиме, оти, ваистина, не сме светци, ама безбели не сме волци.
Ами што ако аждерот за кусо време, калдиса и цркне? А веќе на земја мириса. Што потем? Нит прегратката за која мечтаете ќе ја имаме, нит името ќе го имаме. Е дури тогај за руга, за поткусурување, за подбив на светот, особено на соседите ни озабени, ќе бидеме.
Затоа ви се чудам, Вам, на сегашниве, и на едните и на другите, водачи племенски, што во ова мирно доба, без војна, сте наумиле да правите работи од кои на човека му се слошува до повраќање – кај ви е намузот? Раболепници и поданици ли сте нечии? Ил алчноста ве совлада, та со некакви поткупи ве замајаа и занемеа.
Немојте парите одважноста да ви ја срозат. Нека не ве залажуваат, ниту вас ниту нас, со благосостојба и некаква “розова“ утрешница. Таквата иднина е трула. Иднина со шупливи луѓе, празни куќи, огништа згаснати, кај што не можеш по сокаци детски џагор да чуеш, каде оро да извиеш, каде нема со кого сведен да прославиш и да наздравиш. Ние македонците никогаш во имаштија не сме битисувале, а сепак сме преживеале и еве чекориме по патот на опстојот и патот Христов. Како досега, така и отсега!
Затоа, не грешете пред родот свој и породот сопствен!
Немојте името!
Немојте во нишанот наш, немојте во таа лута рана, не чепкајте! Не посегнувајте по душата, по Црквата наша! Знајте дека таквите собитија ништо арно нема да донесат.
И не лажете си го разумот и умот дека ќе се заборави, или дека вашите умови ќе заборават. Нека не ве мами акалот дека времето се’ лечи и на заборавот се’ му предава. Книгата на животот ќе ве издаде. Ќе дојде Денот на Есапот кога лошото ќе стегне во градите и мир нема да ви дава.
Во тој ден, Денот на Есапот, пред лицето на македонецот ќе треба да се застане, без панцирот на власта, на народот в очи да му се испулите и со суровоста на правдата да се соочите. Тогаш јамката Јудина вратоврска ќе ви се чини, секретон од лутана аспида шербет ќе ви се стори. Ама тоа наказание мало ќе биде за кукавичлукот сторен. Кончина ќе барате ама Господ нема да ви даде.
Скудоумни, не постои такво азно на светов со кое може да се надомести сургунот и изопштувањето од своите, срамот и подбивот сенароден. Зашто народот македонски не е овца за пастрма или подварок за Божик.
Нема да заборави! Се’ ќе памети, до најдребно!
А вие Македонци, каде сте? Гласот да не ви се зеде? Гукнете бре, огласете се. До кога ќе гувеете? Македонци, арслани, што глави ко за клање сте веднале та в црна земја се пулите? Зарем полот ви го сменија? Развијте снагата четворна, кренете гордо главите, од Господа благослов измолете и со нас да се поткусуруваат не дозволете.
Имајќи ги предците пред очи, чинам не сме ние од таков ков за да можат да не мафтаат, да не мамат. Или се лажам? Зарем безгласни и без отпор крајот видлив и немил ќе го чекаме?
Зар ќе дозволиме утре, соседите надворешни, а богами и внатрешни, шега со нас да бијат?
Зар кичма сте наумиле да свиткате? Што ако пукне, ако се здроби?
Срамот ме разјадува оти во ропство повеќе за името и државата сме се бореле отколку во овие времиња тевни.
Павле, апостоле, моли го Бога да не дозволи да паднеме во искушение името за триесетина сребреници да го продадеме, та род јудин да станеме.
И за Црквата наша мила, душата наша, апостоле, моли се да опстои, да продолжи да биде светилник кој низ вековниот мрак патот ни го осветлувал.
Ако на гробовите, на коските од предците плукнеме, та Македонија ја предадеме и името го продадеме, тогаш браќа свештеници и владици, мастила црни земајте и погребални слова за Македонија спремајте, тегобни писанија срочете.
Гибелта на името е гибел на името на јазикот, на името на идентитетот, гибел на името на Црквата…
Јасно нека биде: зло не сакам. Ниту војна посакувам, ниту крвопролевање.
Ама родољубив бунт сенароден и тоа како! Напред! Со крстот и бајракот! Да се дигне гласот и да се одбрани наследеното, барем тоа што остана од оваа наша напатствувана, ничкосана, исцедена и разграбана Македонија!
Македонци, браќа, има ли некој од жена роден, ербаплија и прчипетел кој напред ќе застане во одбрана на олтарот македонски?! Сердар голем, капидан, да се јави и да го води овој народ во чии дамари тече, што еден голем Македонец ќе рече, крвта на фалангите, војводите, комитите, партизаните, бранителите?!
Да ги поведе потомците, на оние кои Демостен “варвари“ ги нарече, оние кои на Цариград очи му бодеа, потомците на Самуила. Оние во кои тлее духот Кирилов, Климентов, Теодосиев. Оние во чии гради роптае по еден Гоце, Јане, Питу, Кузман, по еден Ѓорче, Мисирков, Ченто … Крвта вода не бидува! Главата горе македонци!
Родољуб и свештеник Љупче Петрески