Со Божествена литургија која се одржа во новоизградената црква посветена на Св. Пантелејмон, што се наоѓа во кругот на општата болница во Прилеп, денеска беше одбележан христијанскиот празник посветен на овој светител. Православната црква освен на Св. Пантелејмон денеска го празнува и споменот на големиот македонски светител Св. Климент Охридски. Од минатата година одделенијата во болницата воспоставија традиција секоја година на овој ден домаќин да биде различно одделение. Годинава домаќин беше одделението за радиологија заедно со вработените во управата.
„За многу години да е денешниот ден. Од минатата година со изградбата на црквата започнавме да го чествуваме овој празник посветен на Свети Пантелејмон. Лани за прв пат домаќини беа вработените од одделнието Аптека, годинава честа да бидеме домаќини ни припадна на вработените од одделението за Радиологија и ултразвук заедно со колешките од Управа. Се собра многу народ, задоволни сме од посетата и сакам уште еднаш да искажам голема благодарност до сите кои помогнаа да се изгради оваа црква како локалната самоуправа, бизнис секторот и верниците“, истакна Јане Стојчески, вработен во одделението за Радиологија и ултразвук.
На одбележувањето на овој ден присуствуваше и градоначалникот, Марјан Ристески, кој на сите православни верници им го честиташе денешниот ден и им посака многу здравје, среќа и успех.
„Тука во оваа црква доаѓаат голем број на верници од населбата „Рид“ како и вработени и пациенти од општата болница „Борка Талески“. Во оваа прилика на сите верници им го честитам празникот, им посакувам здравје, среќа, радост, успех и да се продолжи и понатаму со инвестиции во болницата како што беше и досега. Нека им е честит именденот на тие кои го носат името на овој голем празник, а исто така сакам да упатам и честитки до домаќините, вработените во радиологија и управата, како и на целиот персонал кој воспостави една ваква убава традиција. Ова е една од 4-те цркви кои се изградија во Прилеп. Покрај неа се изгради црквата „Света Петка“ во населбата Точила, црквата „Свети Константин и Елена“ во Типската населба, а при крај е изградбата на црквата „Свети Наум Охридски“ кај Паркот на Револуцијата. Што значи верниците кои се од православна вероисповед и ги има во најголем број во Прилеп добиваат свои маалски храмови каде можат да ги извршуваат своите верски потреби. Исто така во наредниот период, во соработка со МПЦ-ОА и по барање на жителите се планира изградба на уште три цркви и тоа во населбите Тризла, Марино маало, Сточен пазар и Жабино маало. А во текот на оваа година ќе продолжи доизградата на црквата „Света Троица“ која се наоѓа на новите градски гробишта“, изјави Изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Во наредниот период се планирало целосно да се фрескоживописа црквата „Свети Пантелејмон“.
„Како членови на на иницијативниот одбор за изградба на црквата со посебна радост гледаме дека оваа црква заживува и таа е посетувана од голем број на верници. Од минатата година комплетиран е иконостасот со сите икони, а во наредниот период се планира да се фрескоживописа црквата. Така што сите добронамерници кои сакаат да донираат за фрескоживописување можат да се обратат до иницијативниот одбор“, рече Илија Карески, член на иницијативниот одбор за изградба на црквата.
Наредната година домаќини на овој празник ќе бидат вработените од хируршкото одделение.