Одбележани 73 години од загинувањето на народните херои Кире Гаврилоски и Круме Волнароски

BeFunky Collage

Денеска во Прилеп со пригодна свеченост беше одбележана 73 годишнината од смртта на двајцата Народни херои Кире Гаврилоски – Јане и Круме Волнароски кои загинале на 9 мај 1944 година. Гаврилоски и Волнароски загинуваат двајцата во една куќа на улицата „Спасе Темелкоски“ во Прилеп кога биле предадени и опколени од бугарскиот окупатор. Двајцата давале силен отпор против стотината бугарски војници и полицајци кои на крај ја запалиле куќата каде се наоѓале Народните херои. За да не паднат живи во непријателските раце, се решиле на саможртва. На ова место е подигнат споменик во нивна чест, а токму пред овој паметник денеска делегација на Општина Прилеп, на Здружението на борци од овој град како и членови на семејството Гаврилоски положија свежо цвеќе. Додека пак учениците од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ од Прилеп одржаа пригодна програма.

_MG_3094

_MG_3101

_MG_3111

_MG_3118

_MG_3125

_MG_3150

_MG_3172

„Чествувањето на патрониот празник на нашето училиште започна со пригодна програма во Домот за култура „Марко Цепенков“ уште во петокот. Годинава на барање на родителите за прв пат во нашата историја ја изведовме програмата уште една вечер. Продолживме со организирање на спортски натпревари, литературно читање, ликовни натпревари, денеска еве полагаме свежо свеќе пред споменикот на Кире Гаврилоски, како и на Алејата на непобедените во Паркот на Револуцијата. Можам да кажам дека во изминативе години училиштето инфраструктурно и организациски е се подобро и подобро. Доказ дека ја спроведуваме каузата на Гаврилоски е тоа што имаме реализирано многу проекти за подобрување на условите за работа и учење. А нашите ученици имаат освоено голем број на награди на меѓународни, државни и општински натпревари“, кажа Николче Кузевски директор на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“

_MG_3193

„Секоја година традиционално како локална самоуправа сме тука да го одбележиме овој патрон празник. Кире Гварилоски – Јане е еден од 15-те Народни херои кои Прилеп  ги има дадено за време на НОБ. Во изминатиов период се инвестираше многу во ова училиште за да се подобрат условите, тука само кратко би спонемал дека за прв пат после 5 децении на функционирање на училиштето инсталиравме систем за централно греење и сакам да го најавам новиот проект, новата спортска сала која треба да се гради во ова училиште. Досега во Прилеп се изградени 4 нови спортски сали, оваа ќе биде петта“, рече Марјан Матракоски, советник за образование во Општина Прилеп.

Со положување на свежо свеќе и пригодна свеченост денеска беше одбележан овој ден и во ООУ „Круме Волнароски“ во н.м. Тополчани.

_MG_3235

_MG_3272

_MG_3290

_MG_3315

_MG_3324

_MG_3352

„Денеска го славиме патрониот празник на нашето училиште „Круме Волнароски“. Овој Народен херој загинал за независна и суверена Македонија и на нас, на идните генерации, ни оставил добар пример како се сака и чува Татковината. Овој ден го одбележуваме и со пригодна програма во нашето училиште каде во изминатиов период се вложени голем број на средства за подобрување на условите за работа и учење. Се надеваме дека соработката со локалната самоуправа ќе продолжи и во иднина и дека тука ќе се реализираат уште голем број на други проекти“, кажа Дарко Бунтески, директор на ООУ „Круме Волнароски“ во н.м. Тополчани.

_MG_3243

На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на сите ученици им посака многу успех и потенцираше дека тие како локална самоуправа ќе продолжат со реализација на уште повеќе проекти за да ги подобрат условите во училиштето.

„Денеска е патрониот празник на основните училишта „Кире Гаврилоски – Јане“ и „Круме Волнароски“. Овие училишта го носат името на големите борци за слобода на Македонија кои што го дале и својот живот за неа. Им посакувам многу успех на сите учениците кои учат тука, а ние ќе продолжиме со реализација на уште повеќе проекти за да ги подобриме условите во кои работат и учат. Во ООУ „Круме Волнароски“ во изминатиов период се реализирани голем број на  проекти, како во централното училиште така и во другите 8 подрачни училишта. Досега локалната самоуправа и Министерството за образование имаат инвестирано над 300.000 евра за различни проекти во овие училишта. Изградени се и нови монтажни училишта и тоа во Беровци, Галичани и Чепигово, исто така отворени се и неколку градинки во дел од овие училишта“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_3245

Ристески истакна и тоа дека во периодот кој следува ќе имало и други зафати во овие училишта, еден од поголемите бил реконструкција на фасадата на училиштето во н.м. Тополчани и реконструкција на ѕидовите и таваните во подрачното училиште во н.м. Старо Лагово.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.