ВМРО-ДПМНЕ од Битола со обвинувања за партиски вработувања и поставувањето на партиски кадри за директори на училиштата по смената на власта во оваа општина.
Имено, Викторија Христовска на прес конференција обвини дека градоначалничката Наташа Петровска си го вработила братот во ОУ „Елпида Караманди“ во Битола како наставник по матаматика.
„Денес ја прашуваме градоначалничката Наташа Петровска, дали е точно дека нејзиниот брат е вработен како наставник по математика во ОУ „Елпида Караманди“, веднаш по поставувањето на партиски кадар за директор на ова основно училиште. Ја прашуваме исто така, дали е точно дека вд директорката на ОУ „Даме Груев“ е сопруга на директорот на ЈКП „Комуналец“, Панде Богоевски и дали директорките на двете гимназии во Битола се исто така во роднинска врска. Зборот транспарентност го слушавме во текот на целата предизборна кампања, па очекуваме и ние и граѓаните на таков начин да добиеме одговор на овие прашања“, рече Викторија Христовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката Петровска пак, на обвинувањата возврати со тоа што рече дека нејзиниот брат бил единствен пријавен кандидат на интервјуто за работното место наставник по математика.
Извор: kurir.mk