Неодамна агенцијата “Марли” го објави изборот на “ТОП 10 НАЈУСПЕШНИ ЖЕНИ МЕНАЏЕРКИ” за 2017 година, избор кој агенцијата традиционално го организира речиси 2 децении во Скопје.
Помеѓу 10-те најуспешни се најдоа и три прилепчанки.
Се работи за Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка, Ирена Јакимоска, сопственичка на прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи Ангел” и Јана Јанеска-Ристеска, генерален менаџер на Центар за современа и ликовна уметност во Прилеп.
Трите дами денеска ја посетија општина Прилеп и меѓу другото истакнаа:
“Ние можеби и не сме толку свесни дека имаме постигнато таков успех, но кога некој ќе ви укаже чест и ќе ви даде таква награда, тогаш станувате свесни за она што сте го постигнале“, вели Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка.
„Многу значи да се оддаде признание на ваков начин. Жените, се надевам, дека се иднината на нашето општество. Јас конкретно се занимавам со култура и мислам дека на некој начин можам и економијата во Прилеп да ја развијам преку културата“, посочи Јана Јанеска-Ристеска, генерален менаџер на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.
“Се разбира тука не застануваме, одиме понатаму кон нови предизвици“, истакна Јакимоска, сопственичка на прилепската конфекција „Комфи Ангел“.