Богатството од преданија и разни народни кажувања во Варош е поврзано со духовното и културното минато. Трагите од културното богатство се среќаваат како на материјален, така и на духовен план.
Преданијата се дел од духовното богатство. Некои имаат дури и пророчки или проклетнички карактер. Едно такво, посебно набиено со мистика, е преданието за црквата Свети Атанас во Варош.
Таа и денес е здрава градба без покрив само на стотина метри подолу од манастирот Свети Архангел Михаил. Храмот претставува мошне привлечен објект изграден од добро обработен бигорен камен и печени цигли.
Потекнува од 14 век како и повеќето здрави цркви во Варош. Карактеристична е по отсуството на покрив и со преданието врзано за покривот. Легендата говори за непознато проклетство врзано за црквата Свети Атанас.
Според приказната, мајсторите повеќепати се обидувале да го направат покривот на црквата. Но, покрај големите заложби, не можеле да го изградат, бидејќи непозната сила го уривала на мистериозен начин.
Така сé што ќе направеле преку денот, таинствено било рушено во ноќта. Тешко е да се утврди од кои причини оваа убава градба и ден денес нема покрив и дали проклетството од преданието е со вистинска сила. Но, црквата сведочи дека е градба без покрив.
Што е мистериозноста на импресивниот храм? Можеби е сосема од духовна природа која се однесува на несредените односи во одредени сфери на човечкиот дух.
Црквата Свети Атанас се разликува од останатите градби во Варош. Апсидата нема полукружна форма од надворешната страна, туку е аглеста.
Тоа е поретка појава при градбата на божји домови. Градбата зафаќа, речиси, квадратна форма. Во ѕидовите се вградени повеќе стари елементи од градби, главно мермерни споменици од постари времиња, кои евентуално опстојувале на истиот простор или во неговата близина.
Античките елементи ги забележале и археолозите и истражувачите кои се интересирале за културните остатоци.
Археологот Сариа од Белград, кој во Прилеп доаѓал во 1923 година, констатирал дека црквата имала значителен број антички споменици вградени во градбата.
Според него, во храмот биле вградени четири големи мермерни столбови од кои, и во неговото време, два стоеле вертикално.
Столбовите го држеле некогашниот покрив, кој е прашање дали некогаш постоел? Дали покривот паднал откако долго време стоел на градбата или се работи за неуспешно покривање уште од почетокот.
Градбата потекнува од времето на постоењето на голем број цркви влезени во преданието дека црквата во некои подобри времиња била активна.
Не е исклучено дека била една од црквите на посебните семејства во Варош, опишано во посебно предание.
Околу неа се пронајдени многу археолошки остатоци. Се спомнуваат остатоци од печки за топење руда, печки за печење керамика и слично.
Во близина се ископани гробови од средниот век и се најдени монети од македонските кралеви. Тоа е потврда за долгиот континуитет за користење на овој простор низ различните периоди.
До кога ќе трае проклетството на црквата Свети Атанас опкружена со толку големо богатство од стара култура од десетици векови? Прашањето, се чини, не е тешко, но одговорот…
77 цркви
Се верува дека некогаш Варош имал 77 цркви. Секоја втора куќа имала свој храм. Сега функционални се Св. Димитрија, Св. Никола, Св. Петар, Св. Богородица Пречиста, а Св. Атанас е без покрив.
Во близина се манастирите Св. Арахангел Михаил и манастирот Св. Богородица Пречиста. Во стегите на грамадните камења на Златоврв, мирува црквата и конаците на Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, од 13 век.
Извор: “Неделник Зенит”