Нека не ве лаже сонцето – македонската полиција дебело казнува за ова

За возачите на автомобили, теренски возила и на лесни камиони е задолжително носење зимски гуми и синџири, а возачите на автобуси и на тешки камиони, покрај тоа, треба да поседуваат и лопата ако на погонските тркала не може да се постават синџири за снег.

Санкционирањето во претстојната зимска сезона ќе биде во согласност со постојниот правилник за зимска опрема во автомобилите, со кој се пропишува казна од 45 евра во денарска противвредност, односно на возачот ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми, се подразбираат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и по широчина од четири милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и по широчина, со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и по широчина, од шест милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и по широчина, од најмалку четири милиметри. Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми, подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и по широчина, од шест милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и по широчина, со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат, односно лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „МС“, „М+С“, „М&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине понатамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и за употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине понатамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.