Евростат објави дека полицијата во државите членки на Европската Унија за време на 2015 година забележала дури 215.000 сексуални кривични дела.
Третина од тие дела се силовања, кои бројат речиси 80.000.
Овие резултати Евростат ги објави во средата по повод Меѓународниот ден на елиминација на насилството над жените, кој се одбележува на 25 ноември.
Според податоците, повеќе од 90% од жртвите на силовање и повеќе од 80% од жртвите на сексуални напади биле девојки или жени.
Се наведува дека најголемиот број на тие кривични дела биле забележани во Англија и Велс – 64.500 сексуални кривични дела, од кои 38.500 силовања, потоа во Германија каде се регистрирани 34.300 дела, од кои 7.000 силовања, па Франција со 32.900 сексуални кривични дела, од кои 13.000 силовања, и на крај Шведска со 17.300 вакви кривични дела, од кои 5.500 силовања.
Евростат не прикажува податоци за сите земји членки.
Во однос на бројот на население, најмногу сексуални кривични дела се забележани во Шведска – 178 на 100.000 население, потоа во Шкотска 163, Северна Ирска 156, Англија и Велс 113 и Белгија 91 на 100.000.
Најголем број силовања во однос на бројот на население забележан е во Англија и Велс.
Евростат нагласува дека треба да се има во предвид оти овие бројки не ја претставуваат реалната бројка, туку регистрирани се ваквите дела кои ги забележала полицијата.
А/Г/