Во населбата „Кузман“, која се наоѓа позади основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп деновиве интензивно се работи на изградбата на уште едно детско игралиште со парк. Игралиштето кое се наоѓа на крстосницата помеѓу улиците „Мечкин Камен“ и „Истарска“ ќе биде опремено со сите потребни детски реквизити за забава, како лизгалки, нишалки, патеки со бекатон плочки, зеленило, клупи и друга урбана опрема. Најзадоволни од оваа најнова инвестиција се секако децата од оваа населба.
„Игралиштето е многу убаво, претходно моравме да слегуваме дури до основното училиште „Гоце Делчев“ каде си игравме во дворот, сега игралиштето ни е блиску“, рече Намче Стојаноски, едно од децата од населбата „Кузман“ кои си играа во паркот.
„Паркот е многу убав, ми се допаѓа, најмногу нишалките, претходно тука беше целото покриено со трева, сега е одлично“, кажа Кристијан Гулески, друго дете кое си играше на ова игралиште.
Задоволни се и нивните родители, а особено бабите и дедовците кои сега можат слободно да ги остават своите внучиња да си играат во паркот.
„Претходно тука беше како џунгла, обраснато со треви и кал. Сега да дојдете во попладневните часови ќе видите колку деца доаѓаат да си играат. Претходно како населба немавме детско игралиште и децата слегуваа подолу во градот. Презадоволни сме од изградбата на овој парк и детско игралиште“, рече Даница Илиоска, жител на населбата „Кузман“.
„Јас сум баба на 6 внучиња, децата немаа каде да си играат, постојано си играа само по дворовите, а сега тие имаат свое катче кое им служи за игра. Тука се слободни, нема кој да им вика, едвај чекаат да дојдат тука и да започнат со игра. Се што се гради е убаво и ние сме задоволни“, вели Даница Аризанкоска, жител на населбата „Кузман“.
„Добро е и вака треба да продолжи да се гради. Тоа место беше запуштено со години и сега конечно ќе се уреди. Дечињата ќе имаат каде да си играат, а и ние дедовците ќе имаме место за одмор“, истакна Блаже Блажески, жител на населбата „Кузман“.
Инвестицијата е обезбедена со средства од буџетот на локалната самоуправа и ЈКП „Комуналец“. Игралиштето се планира да биде завршено до крајот на овој месец.
„Паркот се простира на површина од 750 м2, инвестицијата е околу 600.000 денари. Се планира да биде завршен до крајот на месец јуни, а од тука нашите работници ќе се префрлат да работат во населбата Точила каде до крајот на годината треба да се завршат парковите Точила 2 и Точила 3“, рече Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Инаку ова е 7-мо детско игралиште со парк кое по барање на урбаните заедници се гради во Општина Прилеп. Претходно вакви игралишта беа направени во населените места Кадино Село, Галичани и Ново Лагово. Инаку освен ова, моментално во градот Прилеп се градат уште 3 други вакви детски игралишта со парк и тоа пред театарот, во Врбенско Маало и паркот кој се гради во населбата Ѓогдере помеѓу зградите. Увид во градежните работи денеска изврши градоначалниот на Прилеп, Марјан Ристески.
„Овој парк ќе биде вистинско освежување за децата и жителите од овој дел на градот. Тој ќе биде опремен со целата потребна урбана опрема. Како локална самоуправа нема да застанеме тука со уредувањето на парковските површини во нашата Општина. Продолжуваме со уредување на парковите помеѓу зградите во населбата „Бончејца“ и „Точила 2“ до основното училиште „Блаже Конески“. Од септември се планира да се започне со парковско уредување на просторот помеѓу зградите што се наоѓаат над црквата Света Петка во населбата „Точила 3“. Со ова ќе се заокружи еден поголем циклус на дисперзирање на детски игралишта и парковски површини по сите населби во градот на задоволство на сите жители. Исто така сакам да напоменам дека ќе биде уреден и паркот во населбата Варош каде се наоѓа споменикот на Орде Чопела“, истакна Марјан Ристески, изјави градоначалник на Прилеп.