Мицкоски: Сакам да бидеме дел од НАТО под нашето уставно име, да го говорам мојот македонски јазик и да бидам Македонец

За разговорите за името, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за Призма вели дека нема никакви информации.

-Јазикот и идентитетот се стекнато право и тоа е затворена тема. Можеби разговараат и ова стекнато право да го изгубиме. Ниеден преговарач од македонска страна нема право да отвора тема што е затворена. Не знам за што разговараат. Последната информација е дека сетот што го предложил Нимиц сѐ уште е на маса. Кога ќе имаме информација ќе се произнесеме“, вели Мицкоски.

Но, едно интервју на Заев му отвора сомнеж.

„Од она што го читам во интервјуто, човекот е подготвен за крај на неговата политичка кариера. Тоа значи дека е подготвен да оди на недостоинствено решение. Ако е достоинствен компромисот, зошто да става крај на кариерата, таа треба да се вивне по нагорна линија. Но, се обидувам да бидам во чевлите на човекот кој бара три евра за квадрат – евро за Црквата, евро за Вицето, евро за партијата… Се обидувам да се ставам во чевлите на премиерот на државата, како го гледа грчкиот премиер и како прави недостоинствен компромис и ги уништува националните интереси“, вели Мицкоски.

Сепак, тврди дека сака да успеат разговорите за решавање на спорот.

„Сакам да бидеме дел од НАТО под нашето уставно име Република Македонија, да го говорам мојот македонски јазик и да бидам Македонец. И верувам дека ќе успеат овие преговори, бидејќи тоа се европски вредности“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И на неодамнешната средба со Коѕијас изразил таква надеж.

„Му реков: Ние како опозиција додаваме вредност, учествуваме во процесот на реформите, сакаме земјата да успее, да одиме напред, и со тоа ќе превенираме евентуални можни објаснувања од типот – ‘не е само проблемот со името, затаивте и во овој реформски дел’. Еве ќе го превенираме тој дел. Но, доколку не успеат преговорите, дали ќе го блокирате патот на Македонија кон ЕУ? Ако Европската комисија одлучи да додели датум за преговори, дали ќе ставите вето на тоа? Не добив конкретен одговор, но ќe се обидам да парафразирам една негова реченица: ‘И кога дозволивме да добиете статус на кандидат, договорот беше да се реши името, па еве 15 години сѐ уште не е решено, така што мислам дека граѓаните на нашата држава не можат да го прифатaт тоа’“, го споделува Мицкоски разговорот, со забелешка дека „тоа не е европска вредност“.

Интеграциите ги смета за стратегиски цели, но потенцира од каде потекнува „имотниот лист“.

„Нашиот имотен лист го испечатиле нашите дедовци со нивната борба за независна Македонија, а го завериле со сопствената крв. Главен мотив е сонот на мојата генерација за економски просперитетна, евроатлантски интегрирана и држава на среќни граѓани. Ако не успеам во тоа, достоинствено ќе се повлечам, без да одам во судница и да се соочувам со граѓани кои претходно сум ги уценувал. Ќе го предводам ВМРО-ДПМНЕ во конечна победа над транзициските политичари“, најавува новиот лидер на партијата.

Очекува предвремени парламентарни избори во терминот со претседателските, и уверен е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Од утре почнуваат да го мерат партискиот рејтинг. Последните бројки од јануари покажале разлика нешто помалку од еден процент во корист на СДСМ.

„Но, од она што го добивам како повратен ефект од граѓаните, е дека имаме рејтинг кој ќе биде подобар од оној на СДСМ. Убеден сум дека е така врз основа на впечаток од средби, од социјалните мрежи. Но, тоа е впечаток изграден повеќе врз основа на чувства, а јас сакам бројки“, вели лидерот.

Во моментов е фокусиран на реструктуирање и обновување на партиските капацитети и изработка на нова партиска програма.

„Статутот е готов од пред два месеца, ама не сум нашол време да го видам, бидејќи бев на терен, надвор од земјава итн. Ќе го ставиме на јавна дебата во нашите Општински комитети, но бидејќи таму сега има генерален реизбор кој очекувам да заврши до средината на мај, добро е да го видат новите раководства, УМС, Унијата на жени. Со сите забелешки од ЦК и ИК ќе се обидеме да направиме статут со кој ќе се гордееме“, вели Мицкоски.

„Подобро е да има поголемо демократизирање во изборот на членовите на ЦК што го сочинуваат претседателите на ОК. Има ОК кои имаат 70 месни комитети, во секој месен комитет треба да ставите кутија за гласање и да имате 500 луѓе кои на терен ќе спроведат изборот за претседател на ОК. Или, ќе најдете меѓумодел како што ние го најдовме кај сестринските партии ХДЗ и ЦДУ, за општинско собрание на кое голем број делегати од месните комитети во сала ќе гласаат за еден од предлозите. Ем ќе има кредибилен, ем демократски избор“, смета лидерот.

Но, дали неможноста од фракционерство во партијата може да роди фракција во пратеничката група, па дел од пратениците да ја откажат послушноста кон партискиот врв?

„Никогаш ништо не можете да исклучите во животот. Сѐ може да се случи. Имаме различни дискусии на различни теми и ги аргументираме нашите позиции, сѐ до моментот додека не донесеме заедничка одлука. Кога ќе ја донесеме, таа се почитува. Досега немало дилема. Како ќе биде во иднина, не знам. Јас секогаш почитувам различно мислење“, тврди Мицкоски.

Со Груевски не се виделе подолго време, што не значи дека е прекината комуникацијата.

„Човек е богат кога креира пријатели, а сиромашен кога креира непријатели. Ако има теми за кои чувствувам дека треба да се исконсултирам, со секого ќе се исконсултирам. Ако слушнам аргументи кои ќе ги победат моите аргументи, зошто да не ги прифатам“, вели Мицкоски.

Наскоро ќе ги предложи и членовите на советодавното тело, од кои дел биле познати во јавноста, дел за прват ќе се промовират, но сите ги претстави како интелектуалци кои ќе ѝ дадат дополнителна вредност на политиката на партијата.

Мицкоски „резолутно ги одбива“ неофицијалните информации дека во истрагата за 27 април се обезбедени докази оти иницијативата за формирање на „За заедничка Македонија“ дошла директно од ВМРО-ДПМНЕ, слично како и за патриотските здруженија.

На забелешката дека Владата има мандат од четири години за да испорача резултати, Мицкоски со одговор во интерпелациски стил: „Нема никаква дилема, но што пократко трае – тоа подобро за граѓаните“.

Целото интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, прочитајте го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.