Тринаесет македонски компании од денес до 14 септември ќе се претстават на најголемиот прехрамбен саем во југоисточна Европа „МИР ПИТАНИЕ 2017“ (WORLD FOOD 2017) во Москва.Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.На најголемиот прехрамбен саем во Југоисточна Европа, кој традиционално се одржува во престолнината на Руската Федерација, македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат Национален штанд кој се простира на површина од 110 квадратни метри, а бизнис -делегацијата се состои од 28 деловни луѓе.
Покрај најголемите извозници на храна во Руската федерација, на оваа саемска манифестација традицонално се присатни и експерти од областа на агрокомплексот, а се одржуваат и низа трибини, промоции и презентации, што го прави овој саем најголема берза за храна во овој дел на светот. „WORLD FOOD 2017“ привлекува огромна публика, трговци на големо и мало, дистрибутери и ресторани, а минатата година московскиот саем го посетиле повеќе од 70 илјади луѓе. WorldFood Москва е одлична можност и да се промовираат нови производи на рускиот пазар и се очекува македонските компании да ја искористат оваа можност.
На Националниот штанд на Македонија на саемот во Москва излагаат следните копмпании: „Агролозар“ од Хамзали и „Евромак“ од Струмица, „Агро-калем“ од Неготино, „Перминдекс“ од Градско, „Румко 91“ од Ресен, „Кривогаштани промет“, „Европа“ од Штип и „Конимекст“, „Бонвивер“, „Чеза Комерц“, „Гранд експорт“, „Кадино“ и „Јуникс“, сите од Скопје.
-Покрај настапот на WorldFood Москва македонската бизнис – делегација денес ќе има средба и со преставниците на најголемите трговски синџири од Руската федерација во огромниот деловен центар „Фуд сити“, кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер. Билатералните деловни контакти со руските продавачи на храна ги организиравме во соработка со „Македонски дом“, компанија која е формирана за да го зголеми пласманот на македонските производи на рускиот пазар и со Московската стопанска комора. – вели м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, кој ја предводи бизнис – делгацијата од македонските компании на настапот на саемот во Москва.
-Расте побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании. Во изминатиот период зголемен е и бројот на пратките и количнините кои се пласирани на овој голем пазар. Затоa и присаството на македонските компании на значајната саемска манифестација „World Food 2017“, од кои повеќето веќе традиционално со години се редовни излагачи, очекуваме да донесе нови бројни контакти со деловни партнери од Русија што ќе резултира и со понатамошно зголемување на македонскиот извоз.
Примерот на агрокомплексот треба да го следат и другите индустрии во земјава, се со цел да се намали трговскиот дефицит кој го имаме со Руската Федерација и кој во првите седум месеци од годинава изнесува 73,3 милиони долари.
Обемот на трговијата меѓу Република Македонија и Руската Федерација до крајот на јули според процентите на раст руши рекорди и бележи високо покачување во сите сегменти.Вкупната размена ја достигна вредноста од 132,8 милиони САД долари (лани во истиот период 93,6 милиони САД долари) и е повисока за 41,9 отсто. Извозот на македонски производи на овој пазар ја достигна вредноста од 29,7 милиони САД долари (лани во седумте месеци 26 милиони САД долари) и бележи пораст од 14 отсто. Во истиот период македонските компании на пазарот на Руската Федерација купиле три пати повеќе стоки отколку што продале и тоа во вредност од 103,1 милиони САД долари, што е висок пораст од дури 52 отсто. Република Македонија од Русија претежно увезува енергенси.
Покрај учеството на саемот, бизнисмените од земјава ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, а се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.