Бременост, породување, доење, па се во круг. Вака би можел да се опише животот на храбрата мајка Маја во последните 12 години. Од секогаш сонувала за големо семејство, а тој сон го остварила со својот сопруг Рашо. Одгледуваат 11 деца, имаат приватна фирма и не ја тргаат насмевката од лицето.
Шест часот наутро. Во куќата на семејството Ковачевиќ во селото Врдил во близина на Краљево владее мир и тишина. Мајката Маја станува прва, брзо се подготвува, има 5 минути за кафе, а потоа од соба до соба ја пробудува “војската”, нејзините 11 деца. Неретко се будат и сами и тогаш настанува хаос. Сите имаат некое барање. Секогаш нешто недостасува. Чорапи, тренерки, маица, а на најмладите пелени, млеко… За миење заби во купатило мора да се чека на ред.
– Утрото ни е најтешкиот дел од денот. Тогаш на сите нешто им треба. Тоа трае до 8 часот и после тоа денот ни е како и на сите други семејства. Постарите се во школо, а јас и помладите подготвуваме ручек и ги исполнуваме другите обврски – вели Маја, која со сопругот Радашин е заедно од нејзината 17-та година.
Првата улога на мајка ја остварила на 25 години. Тогаш ја добиле Милица, а потоа се раѓале само момчиња. Маја сакала уште едно девојче. Таа желба и се исполнила со седмото дете, кога ја родила Ружица. Признава дека од секогаш сонувала за големо семејство, иако има само еден брат.
– Знаете што, кога жената покрај себе има добар маж и добар човек, тогаш може да има и 20 деца. Само е важно да има разбирање и поддршка, а јас имав среќа – искрено говори Маја за својот сопруг.
Во нивната куќа нема поделба на машка и женска работа, а и децата имаат свои обврски. Така Милош е задолжен да оди во продавница, Милица се грижи сите да се добро облечени, Милан и Михајло се грижат за бебињата и многу се пожртвувани и одговорни.
Семејството Ковачевиќ ништо не препушта на случајност. Во нивниот дом има организација.