Feed your brain“ или „Нахрани го својот ум” беше насловот на настанот кој вчера се одржа на Економскиот факултет во Прилеп, а кој пак е дел од граѓанска платформа „Мрдни со прст“. Целта на настанот е да се мотивираат студентите за патот до успехот преку животните стории на познаните бизнисмени и личности од јавниот живот. Пред студентите се обратија Сашо Самарџиоски, Лила Филиповска и Рисима Рисимкин.
„Првата е страст, втората е работа, а третата е фокус. Ако овие три работи ги има на едно место дефинитивно ќе има успех во она што го прават луѓето. Доколку се следат овие начела може да се успее, па дури и во Македонија“, рече Лила Филиповска, ТВ водител.
„Младите треба прво да веруваат во себе, да имаат сон кој што сакаат да го остварат и никогаш да не се откажуваа, па макар тоа и на почетокот да изгледа невозможно“ вели Сашо Самарџиоски, бизнисмен.
„Каде и да се наоѓаш сам треба да си ги создаваш условите и сам да успееш во тоа што го посакуваш“, изјави Рисима Рисимкин, кореограф.
Студентите велат дека ваквите настани им помагале да се пронајдат себеси и да си дадат мотив што да прават понатаму.
„Овие говори се од големо значење за младите, сите овие успешни луѓе порано биле обични студенти, а преку ваквите говори ќе дознаеме како тие од обични луѓе станале до она што се денес“, истакна Ивана Сурлаџиоска, претседател на студенстки парламент Прилеп.
„Од секогаш сум сакала да ги слушнам приказните на успешните луѓе. Тоа ме мотивира и мене во иднина да станам како нив. Сакам да слушнам како успеале во својата работа“, вели Трајче Маџоски студент на Економски факултет Прилеп.
Овој настан досега се одржал на три различни Универзитети во Македонија, а „Мрдни со прст“ е иницијатива чија мисија е да поттикне поголема граѓанската вклученост во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат.