Со 47 гласа „за“ и 25 „против“, Собранието ги изгласа измените на Законот за акцизи со кој од 1 јануари ќе се зголеми акцизата на нафтата за три денари.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека не се очекува никакво инфлаторно придвижување и дека граѓаните можат да бидат мирни.
-ЕУ ова го препорачува и заради намалување на загадувањето кое го предизвикуваат овие горива. Со овие предлог измени ќе се остварат и дополнителни приходи во буџетот. Важно е што паралелно ќе се оди со зголемување на акциза на црвената нафта за три денари, затоа што ако се зголеми распонот меѓу дизелот и црвената нафта може да дојде до злоупотреби на црвената нафта, рече Тевдовски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека целта на зголемената акциза не е за да се намали загадувањето, туку за да се наполни државната каса.
Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, пак рече дека смешно и понижувачко е образложението дека зголемувањето на дизелот е како мерка против загадувањето. Оваа мерка, рече таа, не беше предвидена во предизборната програма на СДСМ.
Велат дека ова најмногу ќе ги погоди земјоделците и таксистите.
Извор: kurir.mk