Локалната самоуправа на Прилеп во соработка со Министерстовото за култура од претходната влада и Заводот и музеј Прилеп посветуваа големо внимание кон зачувувањето на нашето културно и историско наследство. Дел од тоа наследство секако се и познатите манастирски комплекси кои се наоѓаат во прилепско, а во кои до пред извесен период се немаше воопшто инвестирано.
Во изминативе неколку години се изградија патишта до најважните и најголеми манастири во овој крај, а поголем дел од нив добија и комплетно нови конаци.
Во 2013 година за пв пат во историјата од постоењето на манастирот „Трескавец“ се изгради асфалтен пат до него, во должина од 7.5 км, инвестиција од 1.8 милиони евра.
Моментално интензивно се градат и опожарените конаци на манастирот, проектот е финансиран од Министерството за култура и според првичните проценки тој ќе чини околу 120 милиони денари. Според динамиката на работа конаците треба комплетно да бидат обновени во текот на 2018 година.
Паралелно на „Трескавец“ се работи на проектите за реконструкција и реставрација на црквата, старата трпезарија, магерницата, магерничкиот конак и камбанаријата.
Асфалтен пат за прв пат во историјата во 2014 година доби и манастирот „Св. Преображение“ – Зрзе. Патот е со должина од 7.5 км. а инвестицијата чинеше 1.6 милиони евра.
Исто така во 2016 година се осветија и новоизградените монашки конаци на манастирот Зрзе. Целиот проект за обнова на ова наше духовно светилиште чинеше околу 92 милиони денари, пари обезбедени од Министерството за култура. Претходно во овој манастир се изгради и владички конак, а се направија и голем број на археолошки истражувања на бигорната карпа врз која е изграден манастирот.
После децении на нефункционирање, во 2016 година комплетно се реконструираше и обнови источниот конак на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во населбата Варош. Инвестицијата за овој конак се обезбеди со средства од Министерството за култура, а таа чинеше околу 13 милиони денари.
Комплетно нови конаци доби и манастирот „Св. Никола“ во селото Манастир во Мариово, каде секоја година се работи и на заштита и конзервација на црквата која потекнува од 11 век.