Во градската библиoтека „Борка Талески“ многу љубители на книгата и на пишаниот збор беа дел од промоцијата на двете нови книги од прилепската писателка, Мирјанка Р. Селчанец, романот „Интимни исповеди“ и стихозбирката “Крлушки од душата“.
– И, во двете книги темата е љубов. Романот говори за една трагична љубов, која ја сонував и ја преточив во пишан збор и роман, а стихозбирката е збир од љубовни песни за сопругот, децата, пријателите, татковината, љубовта кон родниот град, бидејќи сметам дека љубовта е двигател на животот – истакна авторката.
Промотори на двете нови пишани дела на Мирјанка Р. Селчанец беа Слободан Беличански и проф. Цеца Видова Трајческа, водители на промотивниот настан, Тања Димоска и Филип Димкоски, кои пред присутните читаа фрагменти од најновите книги на поетесата, раскажувач и романописец, Мирјанка Р. Селчанец, сето тоа со музичката придружба на младиот гитарист Антонио, само ја збогатија промоцијата, која ќе се памети.
Писателката Мирјанка Р. Селчанец во својата плодна творечка дејност има напишано 20 романи, четири стихозбирки, шест книги за деца, три монодрами и многу, многу поеми и раскази. Моментно, паралелно работи на пишување на два нови романи и две стихозбирки.