Со несмалено темпо се работи на реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп. Деновиве се реконструира и санира фудбалскиот терен, а се гради и нов дренажен систем. Со реконструкцијата ќе биде поставен и систем со автоматско наводнување, ќе се засади нова трева, а истата ќе се одржува со нова современа опрема, информира општина Прилеп.
Паралелно со овие зафати се работи и на поставување на осветлувањето, кое вклучува нова електрична инсталација и изградба на столбови за рефлектори.
-Од 1 август ќе се започне со комплетна реконструкција на малата или северна трибина. Ќе се постават нови седишта, а ќе се реконструираат и постојните простории. Исто така проектот вклучува и доградба на нови простории и сала за прес конференции, се вели во соопштението.
Со втората фаза која треба да започне во најскоро време ќе се реконструира целосно и северната односно големата трибина. Таму исто како на малата трибина ќе се постават нови столчиња, пултови за медиуми, нови санитарни јазли, како и целосна санација на спортскиот комплекс.
-Поголем дел од средствата за оваа капитална инвестиција произлегуваат од договорот на ХЕТ ТРИК 4 програмата на УЕФА кој изнесува околу 700.000 евра, а тие пари ќе бидат наменети за осветлување и реконструкција на теренот. Останатите зафати ќе бидат покриени со средства од буџетот на Општина Прилеп кои изнесуваат околу 45 милиони денари, информира општината.
Целиот проект треба да заврши некаде кон средината на идната година.