Изложба на објекти од Јулија Манојловска во Прилеп

Во петок 27.10.2017 во 19.00 часот во ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на објекти од Јулија Манојловска.

За изложбата „Објекти“

Кои се трите основни бои? Кои се твоите основни вредности? Колку пејзажи гледаш во сликите на Мондријан? Ако ги поврзеш основните бои колку нијанси можеш да создадеш? Дали од црвена и жолта боја се создава само портокалова? Ако не беше поврзан со твојата мајка, дали ќе постоеше светот? Како функционира универзумот? Ако овие елипси беа затворени, дали ќе можев да се скријам? Најверојатно да, ама немаше да можам да се поврзам и да создадам нешто .

Уметничкото дело мора да биде произведено, изградено. Потребно е да сесоздаде што е можно по објективна претстава за обликот и односот.

Пит Мондријан

Една иста форма на елипса, огледала, трите основни бои, црвена, сина и жолта и идејата за невидливото. Трите основни бои се поврзуваат и ги создаваат секундарните бои. Ако преку топчести клопчиња  се претставени основните духовни вредности и дисперзијата на светлината, тогаш овој концепт е далеку од совршен. Напротив, тој е интимен и комлексен концепт за постоењето, за бесконечноста, за застоеното а најбитното. Објекти се дела кои потсетуваат и опоменуваат дека точката ОД која започнуваме е истата точка ВО која завршуваме.

Во овој случај огледалото не е тоа што ја „одбива„ светлината од основните бои, тоа ги складира во форма на елипса и ги претвора во нешто што го пробива материјалниот простор и излегува од рамката.

Објектите се внимателно поставени во овие околности. Тие се транспарентни и кршливи, но сепак го огранучуваат просторот во кој нешто се случува. Нивната функција е да бидат само аспекти на набљудување на поврзувањето на најчистите бои, како ослободена сетилна, а пред се ликовна сензација.

 

Биографија за уметницата

Јулија Манојлоска родена 25. 08. 1992 година во Скопје.Средно образование го заврши во гимназијата „ Кочо Рацин“ во Скопје. Во 2015 година го заврши високото образование и дипломирана Факултетот за ликовни уметности, на Педагошкиот оддел, со отсек сликарство и сценографија, во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски.

Зема учество на повеќе групни изложби и проекти:

Учество на проектот со рециклирани материјали по повод проектот за „Спречување на насилството кај средношколците во градот и развивање на меѓусебната доверба“ во 2010 година

Учество на групна изложба на цртежи во Чифте Амам, 2011 година

Учество и награда за  ораторски говори во 2011 година, во МКЦ

Групна изложбата на витражи во Музејот на современа уметност во 2011 година

Групна изложба на цртежи во Чифте Амам во 2012 година.

Годишна изложба на Факултетот за ликовни уметности во 2012, 2013, 2014 и 2015 година.

Групна изложба во Мала Станица, во 2015 година, насловена YoungArt.

Групна изложба во галеријата КО-РА, насловена LiberTango, 2016 година

Групна изложба на Биенале на цртеж-Остен во 2016 година

Учество на интернационалната ликовна колонија во Лесново-Пробиштип, 2016 година

Учество на групната интернационална изложба Gogyoshi Art Project во галерија FLUX во 2016 година.

Групна изложба во Мала Станица, во 2016 година, насловена YoungArt.

Групна изложба во галерија КО-РА, насловена LiberTango, 2017 година

Учество на Скопје Креатива со арт проект- исталации, во МКЦ, 2017 година

Од 2016 година е ангажирана како професор по ликовна уметност во приватната гимназија Алгоритам во Скопје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.