Изложбата „365 килограми живот“ од Перо Кованцалиев утре пред прилепчани

„365 килограми живот“ е насловот на уметничката инсталација што ќе биде поставена во петок 17.11.2017 од  19.00 часот во галеријата „Борко Лазески“ на ЦК Марко Цепенков во Прилеп. Таа е дело на уметникот Перо Кованцалиев од Гевгелија кој живее и работи во Скопје.

Инсталацијата е составена од таканаречени биобалони, орган кој претходно бил дел од  жив организам. Тоa е мочниот меур кај животното кој е препариран и исполнет со воздух.

-Со тоа се создава сличноста со балоните во секојдневието кој најчесто се дел од некоја прослава со цел да го разубават и декорираат просторот околу нас. Овие биобалони го одсликуваат последниот здив кај животното. Животно кое е насилно размножувано, измачувано, тероризирано и на крај убиено, за истото да се понуди на пазарот како производ од кој се профитира – вели авторот.

Тој е мултидисциплинарен уметник кој работи низ повеќе визуелни медиуми и пракси. Во неговиот главен интерс е следењето на општествените промени како локалните така и глобалните каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид на  коментар кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога. Во неговите дела материјалот има секундарна важност во однос на идејата. Тоа е лесно видливо во опусот на неговото творештво каде користи различни материјали и пракси за материјализирање на идеата.  Скулптурата, сликарството, графиката, кинетиката, дигиталните медиуми како видеото и фотографијата, инсталацијата, се уметничките форми на неговото визуелно изразување.

Перо Кованцалиев е уметник кој има завршено средно уметничко училиште во Скопје а, подоцна и дипломира на Факултетот за ликовни уметности исто во Скопје. Моментало е на постдипломски студи, а оваа инсталација е дел од неговото истражување во текот на студиите. Тој низ ова дело воедно ги поставува прашањата за активизмот во уметноста. Дали уметноста се одалечува од својата примарна улога, и кој се границите каде таа е присутна.?!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.