Изложбата „Превдомување“ од уметницата Јасмина Руневска утре пред прилепчани

Во петок 13 април 2018г. во 19.30 часот во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Превдомување“ од уметницата Јасмина Руневска. Изложбата ќе ја отвори Бисера Бендевска.

Податоци за уметницата

Јасмина Руневска е родена во Прилеп, 1988 год. Дипломирала на Компаративна Книжевност (2012) и Ликовна Уметност – Сликарство (2014) во Скопје, Македонија. Во моментов работи на магистерските по Родови Студии.

Нејзините дела ги истражуваат проблемите на современиот женски идентитет преку меморијата и јазикот. Овие уметнички дела се состојат од мали субјективни приказни кои што се движат помеѓу објекти, линии, зборови, звуци и претставуваат отворени дела кои оставаат простор за повеќе-слојно исчитување. Руневска изложувала во Индија, Франција, Турција, Србија, Македонија.

За изложбата „ПРЕВДОМУВАЊЕ“

Станува збор за инсталација, имитација на Дом преку затворена композиција изработена со метална конструкција и саргии, во вид на кружна соба. Исполнета со објекти, сувенири, звук, светлина, мирисби(…) со цел да се воведе гледачот во приказната за амбиентална уметност, која преку оваа визуализација на домот раскажува нешто повеќе за идентитетот, традицијата, колективното несвесно.

„…кога нас ќе нè нема, ќе ги има пазарите за стари работи.
Затоа што нашите предмети живеат подолго од нас.
Нашите предмети се здобиваат со правото на анонимна, иронична бесмртност.“
-Дубравка Угрешиќ

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.