Прес-конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп по повод Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027
“Во јавноста започна најпрвин срамежливо, а сега и на големо да се промовира стратегијата на Владата на СДСМ, во Република Македонија трајно да се сместат голем број мигранти и бегалци. Владата донесе Стратегија и Акционен план за период од 10 години со кој на мигрантите ќе им обезбеди олеснета постапка за државјнаство, домување преку изградба на згради, станови и цели населби низ Македонија финансирани од буџетот, платени кирии, вработувања, поволни кредити, градинки, школарини…
Хуманитарниот дух на нашата држава која иако е мала и економски кревка, никогаш не бил доведен во прашање. Тоа сме го потврдиле во многу наврати во блиското и подалечното минато. Но со овие потези на владата опасно се доведува во прашање демографската, економската и безбедносната состојба на земјата.
Ве прашуваме, зошто за клучни прашања а посебно за ова не побаравте одобрување од граѓаните на Македонија? Да, морална обврска е да се помогне на секому кому помош му е потребна, на да не се жртвува квалитетот на живот на сопствените граѓани. Сите сме сведоци дека држави и економии многу посилни од Македонија имаат огромни потешкотии во интеграцијата на мигрантите во системот.
Замислете што ќе се случи кога Македонија ќе се соочи со бројка од 150.000 мигранти кои со сопствени средства треба да ги вдоми, интегрира, образува, здравствено заштити и вработи? Во планот предвидовте по квоти мигрантите и бегалците систематски да се сместуваат во општини низ Македонија. Дали воопшто направивте проценка и консултации со општините? Како и останатите така и Општина Прилеп нема нити ресурси нити можности да вдоми мигранти како што налагате.
Кои се гаранциите дека нема да се загрози безбедноста на сограѓаните, нивните работни места, дека нема да се зголемат даноците и останатите давачки и сето тоа на сметка на наметната од надвор обврска да во предворјето на Европската Унија се задржат мигрантите кои ЕУ не сака да ги прими? Силно да ви нагласиме дека граѓаните на Македонија треба секогаш да имаат приоритет во вработувањето, домувањето, социјалната заштита. Ве прашуваме дали во Прилеп треба да се градат 14 згради за мигранти и бегалци од Сирија, Авганистан, Судан и Сомалија?
Бараме Владата на СДСМ да ја повлечи оваа несериозна стратегија која економски ќе ја крахира нашата држава и да ги пренамени средствата во Прилеп за граѓаните на Прилеп. Да им помогне на младите брачни двојки, социјално ранливите и семејствата без решено станбено прашање. Да отвори дополнителни места во градинките за дечињата од Прилеп и да помогне во отворањето на нови работни места.
Впрочем одлика на секоја сериозна држава е грижата за сопствените граѓани да е на прво место. Затоа во име на граѓаните бараме оваа одлука да се преиспита и очекуваме Владата наместо да застапува туѓи конечно да започне да ги штити интересите на сопствените граѓани!”