Прилеп изобилува со спортски квалитет. Градот едноставо живее за спорт и е гладен за натпревари, спортска борба и жар. Филип Спиркоски е млад фудбалер од Прилеп и настапува за ФК Победа. Тој е вистински талент, секогаш инспириран, упорен и вреден работник на теренот. Филип плени со визијата на теренот и со фуриозноста во нозете, што го прави огромен проблем, како за противничката одбрана, така и за противничките голмани.
-Кажи ни, кога се роди љубовта кон фудбалот и кои се твоите први фудбалски чекори ?
Како и сите мои врсници на 5 годишна возраст нашите родители ,,не запишаа” да тренираме фудбал. Како што изминуваше времето станував свесен дека тоа е вистинската работа што сакам да ја правам во животот. Многу од другарите се откажаа, но јас веќе 12 години го чувствувам зелениот тревник како втор дом.
-Кој ти ја дава најголемата мотивација и поддршка пред натпреварите ?
Ни еден натпревар не започнува без советите на мојот татко. Тој константно ме води напред и е тука при сите подеми и падови.
-Кој дел од теренот најдобро го владееш и како откри дека баш на таа позиција најдобро се снаоѓаш?
Големо влијание за мојата сегашна позиција, најистурен во нападот имаат тренерите кои ме советуваа дека поради моите предиспозиции тоа место најмногу ми одговара. Сепак се трудам да ги следам инструкциите и по потреба можам да покривам други позиции.
– Дали имаш некаков ритуал пред натпревар ?
Обожавам да слушам музика пред натпревар, тоа ме опушта и ме прави поконцентриран.
– Дали постои интерес од други клубови за тебе?
Сееуште е рано да се разговара на таа тема, но еден македонски клуб е заинтересиран за потпишување професионален договор.
– Кои се твоите планови, визија за во иднина? На каков начин гледаш на твојата иднина во фудбалот?
Како и секој фудбалер сакам да заиграм за некој од големите фудбалски клубови, но најпрвин сакам да се промовирам како добар млад играч на нашите простори. А, за да дојде до тоа потребна е макотрпна работа и постојани тренинзи кои ги гледам како дел од секојдневието и сум подготвен да дадам 101% за да успеам во моите цели.
– Што е она што е потребно за развивање на повеќе таленти во нашиот град, на што треба да работат спортските работници за да се врати стариот сјај на прилепска Победа ?
Очигледно е дека постои желбата кај младите за играње фудбал, а тоа се гледа по успехот на младинската репрезентација. Сепак сметам дека не е доволно вложување во инфраструктура и кадар. Најбитна е мотивацијата и посветеноста на младите играчи. Со комбинација на овие работи и пружање поголема шанса на млади играчи ќе се оформи челикот и ќе се вратат полните трибини и европскиот фудбал во Прилеп.
– Кој е патот до успехот според тебе?
Ќе наведам три точки потребни за успех:
-напорна работа
-напорна работа
-напорна работа
Само така се постигнуваат светските врвови.